Формирана платформа за набавка на гас во Софија

Како да се реагира за итно да се обезбедат енергенси за нормално функционирање на економиите во време на криза? Проблемите во снабдувањето со гас и нафта ги собраа сите министри за економија и енергетика од регионот и пошироко на состанок во Софија. Тие формираа нова регионална платформа за набавка на гас, откако Газпром реши да ги затвори вентилите за Бугарија. Платформата ќе ги координира плановите во регионот, набавките, залихите и транспортот, за да се обезбеди независност од рускиот гас. Министерот за економија Крешник Бектеши од Софија порача дека историските прашања треба да се остават настрана и да се донесат економски решенија од интерес за сите. Истакна дека Македонија работи на изградба на интерконектор кон Грција и преговара со Бугарија за уште еден интерконектор кај Струмица.

Министрите истакнаа дека едностраната одлука на Газпром да ги сопре количините на гас влијае врз бизнисите во повеќе земји. Претстојната грејна сезона не била толку далеку и уште сега треба да се размислува за алтернативно снабдување. Министерот за енергетика на Бугарија Александар Николов рече дека се бара баланс како да се извршат нови набавки, а цената да остане приближно иста.

„Долгорочна одлука ќе има работната група во која учествува и Европската Комисија и ќе се излезе со сите сценарија и предлози кои ќе бидат коментирани наскоро. Поради тоа што на крајот на април структурата на набавките целосно нагло се промени и мораше да се случат многу алтернативни решенија, се бара баланс за да нема драстични промени во цената“ – рече Николов.

Бугарскиот премиер Петков истакна дека дополнителни количини на гас земјите можат и сами да обезбедат ако користат помалку гас за производство на електрична енергија. Гасот од Азербејџан, за регионалните земји е прва алтернатива на рускиот гас. Турција изрази подготвеност во целост да ги искористи капацитетите на гасоводите Турски Тек и ТАНАП. Азербејџанскиот министер за енергетика Парвиз Шахбазов истакна дека неговата земја двојно ќе ги зголеми испораките на гас кон Европа на над 10 милијарди кубни метри. Досега најмногу продавале во Италија, по што следат Грција и Бугарија.

Тања Попова