„Флуиден страв“ во издание на „Слово“

Издавачката куќа „Слово“ објави превод на студијата „Флуиден страв“ од Зигмунт Бауман (1925-2017), современ полски социолог и влијателен филозоф. Пред оваа, „Слово“ објави уште две студии од овој автор – „Флуидна љубов“ и „Флуидни времиња“.

– Бауман беше емеритус професор по социологија на универзитетот во Лидс. Неговите брилијантни согледби за флуидната модерност го изменија начинот на кој размислуваме и го доживуваме современиот свет. Во студијата „Флуиден страв“ Бауман ги истражува, ги испитува и се обидува да ги објасни изворите и причините за стравот кој го проникнува животот во еден глобализиран свет и со тоа му дава на читателот концизен увид во темите и проблемите присутни и во неговите претходни книги посветени на флуидниот живот и, воопшто, на флуидното општество, соопшти „Слово“ за студијата која ја преведе д-р Кристина Димовска.