Фирмите се жалат – трошоците за изградба на соларни електрани се превисоки

Трошоците за изградба на соларни електрани се премногу високи – негодуваат фирмите. Имаат многу дилеми откако денеска беше објавен првиот тендер за изградба на електрани од 1, 2, 5 и 10 мегавати. Обвинуваат дека Владата ги фаворизира големите компании. Само за учество на тендерот треба да обезбедат банкарска гаранција од 20.000 евра за изградба на електрана од еден мегават, приклучокот кон ЕВН ќе чини меѓу 22 и 33 илјади евра, а по добивање на тендерот, инвеститорот ќе треба да потпише банкарска гаранција од 75 илјади евра за еден мегават дека ќе ја изгради електраната во предвидениот рок.

Вицепремиерот, пак, објаснува дека малите фирми не биле дискриминирани. За да се направи еден мегават била потребна инвестиција од 650 илјади евра. Инвеститорите кои ќе аплицираат за парцели со поголема инсталирана можност нема да можат да се пријават и за оние од 1 мегават.

Главен критериум ќе биде најниската сума што фирмите ќе ја бараат како поддршка од државата. Максимумот ќе изнесува 15 евра по мегават час, но ако нема голема конкуренција, еден инвеститор може да понуди најмалку 0,01 евро.На локација во Свети Николе ќе има 6 парцели од 1 мегават, 2 од 2 мегавати и по една од 5 и 10 мегавати. Во Манастирец во Македонски Брод е предвидена само една парцела од 10 мегавати. Компаниите сметаат дека овие општини немаат доволно капацитет и не можат навреме да ги завршат сите потребни процедури за инвестициите да почнат навреме. Комуналната такса ќе изнесува максимум половина евро за метар квадратен.

Тендерот ќе трае до средината на август, а понудите ќе се отвораат на 21 август. Земјиштето се доделува на 50 години. Освен овие 35 мегавати, наредната недела ќе се објави и тендер за 27 мегавати на приватно земјиште. Европската енергетска заедница не искритикува бидејќи Македонија не успеа да ја исполни обврската да произведе 23% енергија од обновливи извори. Владата планира вкупно 200 мегавати во сончеви електрани.

Тања Попова