Фирмите кубурат со кадар

Компаниите можат да испорачаат поголемо производство и раст, но имаат малку порачки како на домашниот, така и од странскиот пазар, а истовремено кубурат со кадар. 28% од фирмите се пожалиле дека не можат да најдат квалификуван кадар, за 16 отсто од нив слабата побарувачка дома, а за 15.7% недоволните нарачки од надвор можат да им го ограничат производството годинава – велат од Стопанската Комора на Македонија. Преработувачката индустрија е прва на удар.

Компаниите се жалат – младите инсистирале да студираат, средното стручно образование не ги подготвувало за работа во фирмите, а речиси и да немало ученици во земјоделско-ветеринарните струки. Сметаат дека дуалното образование е едно од решенијата, бизнисот да преземе дел од едукативната функција на идните работници. Препорачуваат повеќе пракса за учениците, стимулации не само за бизнисите, туку и за учениците и наставниците, како и отворање на што повеќе лаборатории и работилници во средните училишта и факултети.

Најголем дефицит на кадар има кај машинските струки во металната индустрија, во угостителството, туризмот и градежниот сектор.