Фирмата сопственик на земјиштето во Петровец нема дозвола за садење на канабис – ОЈО го истражува случајот

Јавното обвинителство ја проверува „Плантажата со марихуана сред населено место“. По сторијата на Алфа се испитуваат сите аспекти на случајот кој ги вознемири жителите на скопски Петровец.

„Јавното обвинителство ги следи записите и сите случувања и онаму каде што цени дека постојат индиции за сторено кривично дело ќе ги преземе сите дејствија согласно своите законски надлежности“, велат од Обвинителството.

Мештаните велат дека цела недела на парцелата не дошле ни работниците ни сопствениците, но овде се појавиле полицајци кои им земале изјави.

Компанијата на која жителите и ги продале своите ниви во селото Петровец не е меѓу регистрираните одгледувачи на марихуана. Во оваа општина има издадено само една лиценца на друга фирма и тоа за изградба на плантажа во индустриската зона, а не во населеното место.

Целата приказна ги збуни надлежните – градоначалникот тврдеше дека ќе се сади канабис, министерството за здравство соопшти дека не издало лиценца, а од ресорот за земјоделство првин тврдеа дека има а потоа дека нема дозвола за одгледување медицинска марихуана на оваа локација.

Институциите немаат конкретен одговор дали легално може да се сади канабис и во населено место. Единствено не упатија на Законот за контрола на опојни дроги и психотропни супстанции кој ги предвидува само критериумите како треба да изгледа плантажата – треба да биде атмосферски заштитена и оградена со бодликава жица висока четири метри.

Одгледувањето на канабис е дозволено само на правни лица кои имаат одобрение од Министерството за здравство, по претходно добиена согласност од Владата, а дозволата за садење ја издава Министерството за земјоделство.

Во Македонија дозвола за одгледување на канабис имаат 10 фирми а учество во овој бизнис има и семејството на премиерот Зоран Заев.

Биљана Божиновска