Финска официјално аплицира за членство во НАТО

Финска официјално поднесе барање за членство во НАТО. Претседателот на државата, очекува дека со овој потег ќе ја зголемат безбедноста на земјата, која граничи со Русија. Овој чекор е наопходен по инвазијата на Ураина, вели премиерката Марин.

Кога ја гледаме Русија, гледаме сосема поинаков вид на Русија од онаа што ја видовме пред само неколку месеци. Сè се смени кога Русија ја нападна Украина и јас лично мислам дека повеќе не можеме да веруваме дека ќе имаме мирна иднина покрај Русија, ако сме сами. Затоа ја носиме одлуката за влез во НАТО. Тоа е чин на мир. Имавме војни со Русија и не сакаме таква иднина за себе или за нашите деца, изјави премиерката на Финска – Сана Марин

Рускиот претседател Путин го предупреди својот фински колега дека пристапувањето во НАТО и напуштањето на неутралниот статус на Финска би било „грешка“.Руското Министерство за надворешни работи посочи дека ќе има реваншизам. За влез на Финска и Шведска во НАТО сеуште нема поддршка од Турција. Министер за надворешни работи Мевлут Чавушоглу рече дека двете земји мора да престанат да ги поддржуваат терористичките групи во нивните земји, да обезбедат јасни безбедносни гаранции и да ја укинат забраната за извоз на Турција, доколку сакаат Турција да го поддржи нивното членство во НАТО. Македонија пак на денешниот самит во Берлин даде поддршка на политиката на отворени врати на НАТО и аспирацијата на Шведска и Финска за членство во Алијансата.

Имаме теми од суштинско значење и убеден сум дека сите сојузници ќе покажат единство за сите нив, бидејќи тоа е од клучно значење со оглед на менливата безбедносна состојба. Северна Македонија, како најнова членка на НАТО, силно ја поддржува политиката на отворени врати, а со тоа и аспирацијата на Шведска и Финска за членство во Алијансата што претставува важен чекор за севкупната евроатлантска безбедност, изјави Бујар Османи, министер за надворешни работи на Македонија

Фокусот на состанокот на министрите за надворешни работи на НАТО во Берлин беше руската воена инвазија врз Украина и претстојниот самит на лидерите на Алијансата во Мадрид.

Бојана Златкова

Advertisements