Филмската академија без согласност за ангажман на професори – останува затворена

Институтот за филм-филмска академија Охрид повеќе од една година нема согласност од министерството за образование, за ангажирање на професори. Од ресорното министерство не издале нити решение за почеток со работа на студиската програма, поради што вратата на академијата која нудеше висококвалитетно образование, е затворена за студентите. Никој од вработените за ова не сакаше да зборува пред камера, добро упатените кои одблиску ги познаваат приликите на институтот кажуваат дека немаат информација што ќе се случува со академијата, бидејќи надлежните ги игнорирале нивните дописи. Странските студенти бидејќи не можеа повеќе да го регулираат својот простој во Македонија,заминаа дома најавувајќи дека ќе покренат правна постапка против Република Македонија бидејќи од факултетот не им издаваат документ дека се редовни студенти во академската 2018/19. За да ги остварат своите права, сите студенти кои имаат важечки договори подготвени се да покренат и тужби против министерството за обрзование и Институтот за филм.

Вратите на предавалните од институтот се затворени, а врвната опрема со која располагаше е складирана некаде во магицините. Никој не знае што ќе се случува со академијата, дали се точни гласините дека ќе се сели на Факултетот за драмски уметности, и дали владините стипендисти ќе дојдат до своите дипломи.
Дванаесетте вработени на академијата и денес беа на нивните работни места, за нив МОН обезбедува плата, но нема договори за дополнително ангажирање на кадар. Министерството формирало работна група која врз база на целокупната документација која ја добиле од академијата требало да изготви извештај кој ќе го достави до Влада. Како ќе се решава проблемот со студентите е неизвесно. Алфа уште пред 3 месеци побара одговор од ресорното министерство, но од таму молк.

Она што фрустрира е дека и покрај неколкумесечни писмени преписки со министерството и средби со претставници од таму, сепак немаме никакво поместување-велат студентите. Ниту дека ќе се продолжи со нормална настава, ниту пак дека академската година се одложува, или во најлош случај дека академијата ќе престане да работи.

За илустација претходната учебна година ја започнаа 44 студенти од 15 земји. Охридската е најмладата филмска академија во земјава основана во 2015 година. Од 43 професори на академијата 39 доаѓаа од Прага, а 4-ца беа Mакедонци.

Росица Голабоска