„Фајненс тинк“: инфлација од 9,7% и економски раст од 2,8% годинава
Еден по еден експертите ги намалуваат прогнозите за раст на економијата, само Владата оптимистички се надева на 3,2% зголемување на БДП годинава. Последен во низата е и економскиот институт Фајненс Тинк кој очекува растот да се ограничи на само 2,8%. Институтот нотира дека растот од 2,4% кој статистика го измери во првиот квартал всушност и не е раст бидејќи е остварен на ниска споредбена основа со истиот период во посткризната 2021-ва. Фајненс Тинк пишува дека пад има кај градежништвото од 17,2%, додека кај другите сектори се е исто како и лани.
„Растот во првиот квартал е стагнантен, што е особено забележливо кај земјоделството (0.3%) и преработувачката индустрија (0.2%), додека градежништвото забележа значителен пад од 17.2%. Растот на извозот и увозот забрза, на 11.1% и 24.4%, соодветно, што е одраз на олабавувањето на тесните грла во глобалните синџири на снабдување од почетокот на годината, а пред Руската инвазија врз Украина“
Фајненс Тинк ја ревидираше нагоре и проекцијата за инфлација до крајот на годината на 9,7%. Институтот пишува дека зголемувањето на цените во целост е резултат на глобалните притисоци врз цените на основните производи и енергијата.
„Неизвесноста во економијата значајно се засили по Руската инвазија врз Украина на крајот од февруари 2022. Изгледите за растот на Европскиот континент се влошија, а интензитетот на конфликтот укажува на подолготрајност на ценовните притисоци во споредба со првичните прогнози“
Не само аналитичарите, туку и Народната банка ги намали проекциите за инфлација од 8,8% и економски раст од 2,9%. Светска банка, пак, според последниот извештај очекува 2,7% раст и инфлација од 5,5%. Во меѓувреме цените драстично пораснаа, па експертите сметаат дека по укинувањето на антикризните мерки инфлацијата уште во јуни може да надмине 15 отсто. На светско ниво аналитичарите се повеќе алармираат дека глобалната економија ќе заглави во стагфлација, односно пад на производството при високи стапки на инфлација.
Тања Попова