Фазлиу: нема санкции за Мерко, граѓаните да го казнат на избори

Нема санкции за Мерко, а Владата нема механизми за контрола врз трошењата на општините. По бурните реакции во јавноста откако градоначалникот на Струга Рамис Мерко купи неколку скапи службени возила меѓу кои и Ауди А6 вредно скоро 70 илјади евра, министерот за локална самоуправа не најави санкции за него. Вели одлуката за ваквата набавка веќе поминала на Советот на општината, а на граѓаните им останува ако се незадоволни од неговиот потег, да го казнат на следните избори.

„Ако постои одговорност во Струга, граѓаните треба да бараат преку нивните претставници во Советот. Тој буџет и таа набавка поминале во Советот каде гласало мнозинството изгласа. Доколку приметиле недолично однесување, советниците можеле да ја стопираат. Друг механизам не постои. Барам од градоначалниците да бидат поодговорени, се работи за сите општини кои се во долгови. Ние сме им пружиле рака за да излезат од тешата ситуација, затоа тие треба средствата одговорно да ги користат, инаку ќе се остави впечаток на злоупотреба. Барам одговорност и транспарентност од нив“ – рече Фазлиу.

Фазлиу најави дека ќе го посети Мерко во Струга за да разговараат за спорната обнова на возниот парк. Мерко, пак, рече дека неговата одлука била исправна, автомобилот не бил луксузен,а срамота било градоначалник да се вози во стара кола. За потсетување општина Струга е меѓу 5-те најзадолжени општини во земјава со долг од 4 милиони евра.

„Планирам да одам во Струга да разговарам директно со градоначалникот, да се информирам за оваа ситуација и да ги разгледам можностите за поправка на оваа грешка, ако може да се нарече грешка“ – рече Фазлиу.

Инаку законски, општините со блокирани сметки смеат да трошат само одреден буџет за тековни и неопходни потреби, а да се задолжуваат само со државна гаранција. Владата се уште нема ниту првични податоци како се одвива процесот на раздолжување со 50-те милиони евра кој ги префрли од државната во локалните каси откако не беа потрошени за инфраструктурни проекти. Досега на прсти се бројат општините што јавно објавија детали колкави долгови ќе вратат и под кои услови. Ако не се договорат со фирмите навреме, парите доделени од Владата со ланскиот ребаланс на буџетот, ќе треба да ги вратат во државната каса.

Тања Попова