Уште тројца загинати во пожарите во Грција, вчера имало 90 жаришта низ земјата

Се зголемува бројот на загинати во пожарите кои веќе десетина дена беснеат низ Грција. Потврдено е дека две лица починале во централната област Магнисија, а еден овчар настрада во пожар во Серес во северниот дел на земјата.

Властите наредија евакуација на области близу два града во централна Грција, Волос и Ламија, додека земјата продолжува да се бори со пожарите и топлотниот бран. Портпаролот на противпожарната служба кажа дека вчера бил најтешкиот ден ова лето.

Во гаснењето учествуваат пожарникари од Грција и од 11 други земји. Тие се бореле со вкупно 90 пожари, од кои 61 почнал во 24-часовен период, до 18 часот вчера.

Најавено е дека температурите денеска значително ќе паднат, но истовремено ќе се засилат северозападните ветрови, што ќе биде нов поттик за пожарите. Властите велат дека во седум од 13-те грчки региони ќе има екстремен ризик од нови пожари, што е највисокиот степен.

На Родос, од каде што избегаа илјадници жители и туристи, досега изгорела површина од над 10.000 хектари и се проценува дека на крајот ќе бидат зафатени 10% од островот, вклучувајќи многу заштитени природни подрачја. Некои пожарникари велат дека почнуваат да губат надеж.

„Секој ден, секоја ноќ сме тука и ништо не постигнуваме. Не можеме да го запреме огнот. Сите се ангажирани, сите се борат, но залудно“, изјави Савас Филадерис, кој е од Родос.

КАТЕГОРИИ
Споделете ja веста