Уште не се знае од која фирма и дали навреме ЕСМ ќе купи гас за Скопјани да имаат парно во ноември

Заинтересираните фирми за набавка на гас за работа на топланите имаат рок уште еден ден  да достават понуди. Од ЕСМ велат дека до истекот на рокот нема да даваат информации дали и колку компании се пријавиле. Откако вчера Макппетрол информираше дека истекол нивниот рок до кој требало да ги нарачаат количините руски гас, стана извесно дека оваа фирма нема да биде снабдувач за ноември. Од ЕСМ се оптимисти дека ќе најдат количини не само за следниот месец, туку и до крајот на грејната сезона. Министерот за економија Крешник Бектеши вели дека се уште не стигнала понуда, ниту бил склучен договор со предложената компанија на ВМРО-ДПМНЕ. Тоа што бил потпишан т.н. ЕФЕТ договор не значело ништо.

Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски уверува дека понуда ќе има. Контактраната компанија можела да набави гас по цени со кои ќе се заптедат значителни финансиски средства.

„Од информациите со кои што располагам има таков состанок во петок, во просториите на АД ЕСМ каде што ќе биде презентирана официјалната понуда од страна на позицијата. Нормално има законски критериуми и правила како функционира правниот систем во Македонија, сепак АД ЕСМ не е приватна сопственост на никое приватно лице, таа е на народот, државна компанија. Компанијата позицијата треба да достави понуда и претпоставувам таму има комисија која што ќе евалуира таа понуда, дали е таа понуда во ред или не. Доколку е во ред не гледам причина уште во петок да биде потпишан тој анекс или индивидуален договор кој што е составен дел на овој ЕФЕТ договор, на овој Рамковен договор, и врз основа на тоа што ќе биде потпишано, очекувам да почне испораката таму некаде од почетокот на ноември“ – вели Мицкоски.

Владата побара од ЕК пари за да може да го прошири списокот на ранливи категории кои добиваат помош за струја и енергенси, да кофинансира субвенции за соларни панели за домаќинства и да им помогне на фирмите без разлика дали се на отворен или регулиран пазар, да добијат поевтина струја. Производителите на храна треба да добијат фиксна пониска цена од први декември.

Бектеши уште еднаш се пофали дека државните институции успеале да заштедат 20% струја во септември. Притоа најмногу заштедило министерството за култура 40%, а најмалку здравство со 2% и МНР и одбрана со 8% заштеди. Министерството за локална самоуправа, пак, потрошило дури 79% повеќе струја од претходно. ЈП Водостопанство Македонија исто така потрошило дури 50% повеќе струја. Општините ја намалиле потрошувачката за речиси 30%., но има и такви кои воопшто не се потрудиле да заштедат  и трошеле повеќе. Меѓу нив се општините Арачиново, Гостивар и Свети Николе. Бектеши не истакна како ќе се казнат овие директори и градоначалници. Владата ќе чека премиерот да се врати од службен пат за да ги определел санкциите за нив.

Тања Попова

Advertisements

Поврзани вести