Уште нема никакви информации за тоа кој пријавува лажни бомби по училиштата и институциите

Македонските власти до пред пет дена не чувствувале потреба да побараат помош од НАТО во однос на дојавите за бомби кои предизвикаа страв в коски кај граѓаните. Министерката за одбрана Славјанка Петровска рече дека немало реална закана по националната безбедност. Според неа, тие биле известени за да помогнат во рамките на капацитетите со која располага Алијансата. Министерката посочи дека од првиот ден МВР ги презело оперативните активности за справување со оваа појава.

  • НАТО се известени за да помогнат и да дадат поддршка во рамки на капацитетите. Во рамки на минатите два месеци, од прв ден, се преземаат оперативни активности. Од НАТО е побарано на подолгорочен рок да се справи со овие напади. Хибридните напади се поголем ризик, тоа се закани кои се присутни, но не опипливи. Борбата со нив е потешка, покомплицирана и бара поголема стратегија. Министерството за одбрана има улога за поддршка и да ги споделува информациите кои ги имаме, рече Петровска.

И премиерот се надева дека наскоро ќе се расветлат случаите за дојавите за бомби. Анагжирале стручни тимови кои работеле на нивно лоцирање.

  • Главни задачи на оперативниот тим ќе бидат стручната процена и препораки, изработка на минимум стандарди и опрема за градење отпорност на секоја институција и зајакнување на комуникацијата со јавноста на дневно ниво, вели премиерот меѓу другото.

Според лидерот на ВМРО ДПМНЕ, власта е неспособна да се справи со поразениот систем за лажните дојави за бомби. Мицкоски нагласи дека ова е доказ оти ништо не функционира, па затоа потребно е да заседава Советот за национална безбедност. За излез од лошата состојба, вели, потребни се предвремени избори.

  • Целосно се неспособни, системот ни е поразен, не знаат како и затоа ни се потребни предвремени избори за да дојдат луѓе кои ќе знаат како да се справат со овие инциденти, денес се лажни дојави за бомби, утре ќе биде нешто друго и така ние ќе се вртиме во круг, рече лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски.
  • Имав една можност да видам една анализа. Направија анализа од Центарот за комуникации во рамки на нашата партија од 2018 година ние се бориме со хибридни напади. Тогаш ги најавувала Радмила Шекеринска, денес се бори оваа Влада на Димитар Ковачевски. Значи четири години се бориме со хибридни напади, па не знам кој да беше за четири години ќе се избореше некако или ќе капитулираше. Овие само го држат народот во паника, во страв, посочи Мицкоски.

Според него за оваа Влада само еден збор кажува се.

  • Неспособни е еден збор што ги дефинира нив, неспособни се и затоа се потребни избори. Мора да сфатат сите, колку подолго е оваа Влада толку повеќе Македонија ќе губи и помалку ќе го има народот во Македонија. Малкумина од нив земаат за себе и помалку има за народот, заклучи Мицкоски.

Инаку, дојавите за поставени експлозиви најпрво пристигнуваа во училиштата, во главниот Град. Постоа дојави имаше и во министерства, трговски центри, хотели, станбено-деловен комплес, железничката станица, полициската станица во Центар. За прв пат лажна дојава имаше и на скопскиот аеродром, по што сите летови беа одложени за неколку часа.

Борис Грујоски

Advertisements