Уште нема договор меѓу СОНК и Владата, Шаќири најавува порано почнување на следната учебна година.

Во среда истекува рокот за решавање на спорот меѓу СОНК и Владата, а за утре се закажани нови преговори. Министерот за образование и наука, Јетон Шаќири во најновото обраќање изјави дека МОН ќе најде начин да се исплати зголемувањето на платите на вработените од 18%, тој рече дека оваа учебна година најверојатно ќе заврши на 10 јуни, но најави дека е можно порано почнување на следната за да се надополнело тоа што го испуштиле учениците.  

Ќе се достават препораки до сите директори како да се реализира делот од програмата кој останува. За другите години освен тие што завршуваат деветто одделение, ќе најдеме начин како да се надополни делот од програмата и со почетокот на следната учебна година. Се гледаат сите начини за до 10 јуни да заврши учебната година, но сеуште немаме официјален одговор од Бирото за препораките како понатаму, рече Јетон Шаќири – министер за образование и наука

Штрајкот на наставниците беше ставен во мирување на 28 април откако СОНК доби известување дека се пристапува кон мирно решавање на спорот со медијација. Максималниот рок на мирно решавање на споровите е 20 дена, инаку штрајкот на вработените во основните, средните училишта и во детските градинки почна на 11 април со барање веднаш да бидат зголемени платите за 18,4 проценти, но во текот на преговорите СОНК и Владата не стигнаа до заедничко решение.

Бојана Златкова