Уште една блокада за катната гаража – Охрид се гуши во сообраќаен хаос
Изградбата на катна гаража во Охрид повторно во ќорсокак, туристичкиот центар кој и при првиот налет на гости буквално не функционира и се соочува со сообраќаен хаос,блокирани улици,тротоари, пешачки и велосипетски патеки, цели 11 години откако постои идејата,не може да реализира проект за изградба на барем една катна гаража. Иако пред 5 месеци се одржа јавна дискусија на која беа присутни претставници на сите релевантни институции и кога по извршената стручна контрола проектот доби позитивно мислење од охридскиот Завод и музеј,на последниот состанок одржан деновиве Националната комисија на Унеско, повторно ја оспори градбата на катна гаража.
“Во моментот кога дојде за конзераторско одобрение,кое што се издава пред самото одобрение за градба,во истиот момент тие наместо да дадат позитивно мислење, за што тоа им е работа и за тоа се платени во таа национална комисија за Унеско, тие ја препраќаат во стручен тим во министерство за култура составен од 3-ца луѓе.И тоа е еден е вид на културно одбивање и нека им служи за чест”-вели охридскиот градоначалник КИРИЛ ПЕЦАКОВ.
– Каде да се паркираат домаќините и гостите,на чатија? Можеби е најдобро да си купат магариња оти ако тргнат со автомобил ,ќе треба да го свртат цел град и пак нема да најдат слободно место за паркирање -ова се дел од пораките на социјалните мрежи кои го отсликуваат сообраќајниот метеж во Охрид.
Изградбата на катна гаража е од витално значење за Охрид, кој во екот на сезоната повеќе нема капацитет да прими над 40.000 возила. Поголемиот дел од улиците,дури и главните сообраќајници кои водат кон центарот, се користат и за паркирање но и тоа не е доволно. Во моментов во градот има 900 паркинг места,а недостасуваат уште околу 500-тини.Катната гаража чија изградба сега се спори,има капацитет да прими 240 автомобили.
“Вакви погубни политики према Охрид,континуирано во последниве 3-4 години, јас барем колку што паметам не сум видел од ниту една влада и ова кое што континуирано го прават како притисок,затоа што ако размислиме генерално катната гаража,реконструкцијата на плоштадот сите останати работи кои што се пред конзерваторско мислење,ќе ги користат сите граѓани и туристи во Македонија,нема да ги користи само градоначалникот и охриѓани па сега ќе тераме инает и цело време не можеме да ги завршиме работите”-вели Пецаков
Инаку уште од 2015-та година постоеја заложби за изградба на дури 4 катни гаражи,но од тогаш измина скоро една деценија,а градот нема нити една.
Росица Голабоска