Уште еден бран оставки во Град Скопје – тројца директори на јавни претпријатија си заминаа од функцијата

Уште тројца директори на јавни претпријатија во Скопје си поднесоа оставка. Од денеска, празни се директорските фотелји, во „Улици и патишта“, „ЈСП Турс“ и „Лајка“. Претходно, си заминаа од функцијата и првите луѓе на „Водовод“, “Градски паркинг“ и „Дрисла“. Сите шестмина директори, како причина за заминувањето, ја наведоа неможноста – да се соработува со градоначалничката Данела Арсовска.

Се множат оставките во јавните претпријатија под капата на Град Скопје. Од функциите си заминуваат уште тројца директори, на „Улици и патишта“, „ЈСП Турс“ и „Лајка“. Сега веќе поранешниот прв човек на „Улици и патишта“, Борис Настов, порача дека си заминува зашто немал комуникација со градоначланичката и дека реализацијата на проектите не се одвивала според неговите и очекувањата на граѓаните.

  • Неможноста и покрај сите мои искрени намери и напори да воспоставиме меѓусебно разбирање, соработка и почитување како неопходни фактори за успешна имплеметација на зацртаните проекти и активности на претпријатието, придонесоа кон донесување на оваа моја одлука, вели Нестов.

Воислав Димитровски кој досега раководеше со „Лајка“ во оставката вели дека не можел да соработува со Данела Арсовска и Граот и дека Јавното претпријатие системски се уништува.

  • Поради недостатокот на поддршка од страна на Град Скопје, ЈП Лајка има континуирано блокирани сметки, каснење во исплатувањето на платите, вклучително и во конкретниот месец немаме исплатено плата на вработените поради непрефрлени средства од Градот кон ЈП Лајка за извршени услуги. Јавното претпријатие го затекнав во хаотична состојба без воспоставена структура, со недостаток на соодветен и нецелосно остручен кадар за работа, напиша Димитровски.

И Филип Василевски кој си заминува од раководната позиција во „ЈСП Турс“ посочува дека немал поддршка од Градот, но дека сепак успеал за период од шест месеци неколкукратно да ги зголеми приходите во делот на превоз и туризам, како и да обезбеди линеарно зголемување на платите за сите вработени.

  • Морам да кажам дека разочарувачки е тоа што визијата која не обединуваше, проектите во кои веруваме и за која се обврзувавме пред скопјани не се исполнува и нема согласност од Градот кој се повеќе е заглавен во кавги и пресметки и лични интереси затоа си давам оставка од директор на ЈСП Турс, од каде си заминувам со крената глава, задоволен од резултатите и со принципите во кои продолжувам да верувам, вели Василевски.

Овие оставки следуваат откако од функциите си заминаа и првите луѓе на „Градски паркинг“, „Дрисла“ и „Водовод“.

Во досегашните 11 месеци откако е во градоначалничката фотелја, Данела Арсовска назначи па замени или, пак, сами си заминаа низа директори.

За само неколку дена откако го назначи, го разреши од функција директорот на ЈП „Градски паркинг“ – Филип Пасху. Во јули го разреши директорот на ЈП „Комунална хигиена“ Зуди Енуз, откако неговиот брат учествуваше во инцидент на плоштадот Скендер Бег. Две недели подоцна отказ му даде на директорот на Зоолошката градина Кристијан Стаменов поради скандалот со коњите. Додка во мај пак директорот на ЈСП Иван Илиевски, самиот си поднесе оставка.

Борис Грујоски