Учениците се вратија во школските клупи, годинава првпат ќе имаат и пролетен распуст
Над 200 000 ученици од основните и средните училишта во земјава од денеска ја започнуваат новата учебна година, а ќе ја завршат на 17 јуни 2024 г. Првпат оваа школска година учениците ќе имаат и пролетен распуст кој ќе трае една недела, односно од 29 април до 5 мај.
Новини годинава ќе има и во наставата за трето и шесто одделение бидејќи почнува да се применува нова наставна програма согласно новата Концепција за основно образование која етапно почна да се користи од 2020 година. Од тие причини за овие две одделенија се печатат и нови учебници кои сè уште не се готови. Министерот за образование и наука Јетон Шаќири вчера рече оти почетокот на следната недела тековно ќе се доставуваат учебници за третоодделенците, додека за шестоодделенците ќе се доцни повеќе односно очекувањата се да им бидат испорачани во текот на септември.
Учебниците за трето одделение се одобрени и во тек е постапката за печатење и доставување. За сите предмети се одобрени и се во фаза на техничко-графичко регулирање и во печатење. Така што денеска, утре, на почетокот на неделата, тековно ќе се доставуваат. Тоа ќе се случи и со учебниците за шесто, кои се во напредна фаза на одобрување од Националната комисија за учебници. Потоа може да има жалбена постапка од одредени автори, но до крајот на септември тие ќе бидат доставени до сите ученици“,
рече Шаќири.
Во меѓувреме на располагање ќе бидат помошни материјали за трето и шесто одделение, кои ги изработи Бирото за развој за образованието, наменети и за учениците и за наставниците, и достапни во електронска форма на веб-страницата на Бирото.
По повод новата учебна година, утрово со порака се огласи и Народниот правобранител кој им посака успешна година на сите ученици, особено на првачињата и апелира до сите што се вклучени во воспитно-образовниот процес, и до родителите, максимално да се посветат на образованието и воспитувањето на децата.
Омбудсманот повикува тие да се работи со децата, да им се даде потребното внимание и грижа, да им се обезбедат помош и поддршка, разбирање за прашања во врска со училишниот, но и секојдневниот живот, „притоа почитувајќи ги децата како носители на права и водејќи сметка најдобриот интерес на детето да биде водечки при донесувањето одлуки“.