Учениците заложници на билатералните спорови – Учебници по историја не се знае кога ќе има

Учениците заложници на билатералните спорови – Учебници по историја не се знае кога ќе има

Образованието на најмладите во Македонија станува заложник на билатералните договори со соседите. Комисијата за спречување и заштита од дискриминација реагира дека учениците од седмо, осмо и деветто одделение немаат нови учебници по историја, затоа што се чека заедничката историска комисија со Бугарија да заврши со работа. – Ова било оправданието од министерството за образование, за тоа, зошто не печатат нови учебни материјали.

  • „Тука стои и за двата учебници, следнава забелешка, цитирам: „Учебникот во моментот не се нарачува за дополнување на тиражот, заради историската комисија. Која е таа историска комисија? Нема доволно објаснување. “ – Истакна претседателката на КСЗД, Весна Бендевска, на гостување во ТВ Алфа.

Комисијата за спречување и заштита од дискриминација најави оти подготвува тужба од јавен интерес против министерството, под образложение дека на најмладите им го повредиле правото за еднаков пристап до квалитетно образование.

Додека пак од министерството за образование не гледаат проблем.

  • „МОН ги отфрла сите наводи на Државната комисија за заштита од дискриминација и информираме дека сите активности кои согласно законските прописи се наша надлежност во процесот на обезбедување на учебници, навремено започнуваат и се реализираат.“ – Велат од министерството за образование и наука.

Во телефонски разговор за Алфа, претседателот на заедничката историска комисија од македонска страна, Драги Георгиев, вели дека тие се среќаваат и работат редовно, но не можат да се ограничат со рокови. Тој се осврна и на примерот со француско-германската историска комисија, која е формирана пред околу 50 години и се уште работи на историски проблематики. Па станува нејасно, дали ако македонско-бугарската комисија заглави во преговорите, македонските ученици ќе останат без учебници по историја со децении?

Никола Цветкоски

КАТЕГОРИИ
Споделете ja веста