Учебникот за шесто одделение ги чека одлуките на Комисијата за ревизија на историјата?!

Но, дека повеќе битки се веќе изгубени покажува еден прост пример – учебникот по историја за шесто одделение. Нејаверојатно нема да биде готов до септември односно до почетокот на новата учебна година. Министерот за образование се појави пред камерите, ама одговор нема: дали се чекаат бугарските желби ставени на хартија преку мешовитата комисија, за по бугарски терк да се испечати учебникот. На учениците бесрамно им порача дека ако немаат учебници од септември, ќе си се снајдат со скрипти.

Учебникот по историја ќе се менува, ама министерот не прецизира дали причината се бугарските интервенции што би се протнале преку мешовитата комисија за менување на учебниците. И денеска одговори дека учебникот по историја за шесто одделение бил полн грешки, па затоа бил експресно повлечен.

  • Сите учебници кои се одобрени од Националната комисија, според постапката, министерот само дава одобрение за печатење на тие учебници, без разлика во кој период се одобрени. Што се однесува за учебниците со грешки, вие знаете дека веднаш за учебникот по историја и општество, сите училишта добија насоки за проблематичните места во учебникот, но после тоа Комисијата која ја сочинуваат повеќе од седум члена, одлучи истиот учебник да се повлече и се отвори повик за група автори за истиот учебник. Што се однесува за технички грешки во учебниците, ќе се обидеме да најдеме начин со авторите да има што помалку технички грешки во нив. Први септември ќе не најде поподготвени зошто ги немаме предизвиците од претходната учебна година. Дефинитивно учебници ќе има, рече Шаќири прашан што е со учебниците со грешки, дали е формирана Комисијата, кој е ставот на Комисијата и што е со целосната испорака на учебниците.

Шаќири пак кажа дека учебници од 1 септември немало да има за сите деца. За лична одговорност не размислува. Објаснува дека проблем бил учебникот по македонски за петто одделение, зашто долго време немало кој да го напише. Потенцијалните автори не биле редовно и целосно плаќани, туку на рати, па одбивале да го сработат, признава Шаќири. Ќе се снаоѓале учениците пак со скрипти – отворено си кажа министерот.

  • Што се однесува за некои учебници како што е за учебникот по македонски јазик, за истиот учебник имаше повеќе од 4-5 повици од страна на Педагошката служба. Имаа ситуација каде во одредена фаза на учебникот авторите не постапуваа по забелешките што ги добиваат и потоа Националниот совет за учебници одлучува да не одобрува ниту еден од учебниците или да почне нова постапка. Затоа сега повеќето од ракописите за учебниците од 3-то одделение веќе се доставени. За 6-то одделение се во фаза на рецензенти. Сега во месец јуни завршува постапката за екеономски оператор, во месец јули, без оглед каква ќе биде жалбената постапка, ќе се почне да се реализира печатење на сите учебници кои веќе се одобрени, порача министерот Шаќири.

И во учебникот по географија имаше грешки. Авторите напишаа дека Албанија ни е источен сосед, а ги згрешија и знамиња па и го пораснаа Монт Еверест. Инаку, постојниот закон не предвидува казни за авторите или за рецензентите кои дозволуваат да се одобри учебник што има содржински или технички грешки.

До средината на следната недела, односно до 14 јуни, треба да се пријават фирми за печатење учебници за наредните две учебни години. Огласот е објавен на Бирото за јавни набавки, ама тоа не значи ништо, а најмалку учебник за секое дете.

Борис Грујоски

КАТЕГОРИИ
Споделете ja веста