Утре состанок на мешовита македонско – бугарска владина комисија

Првата средба на владините делегации меѓу Скопје и Софија ќе се одржи утре, каде на маса ќе седнат шефовите на македонската и бугарската дипломатија – Никола Димитров и Екатерина Захариева каде меѓу другото ќе се разговара и за работата и одлуките на мешовитата македонско бугарска комисија за ревизија на историјата.

Последната средба на мешовитата комисија за одржа пред два дена каде Драган Ѓорѓиев и Ангел Димитров истакаа дека двете страни ги усвоиле препораките за античкиот период за учебниците од петти клас во бугарскиот образовен систем и за шесто одделение во македонскиот образовен систем.

Она што остана неодговорено, но беше начнато од средбата на комисијата беше чествувањето на Гоце Делчев, за кој по одредени прашања има согласување меѓу бугарската и македонската страна, но и разлики за кои ќе се дискутира понатаму.
Историчарката Наташа Котлар смета дека работата на комисијата не е базирана врз научни факти, туку за политички цели за кои според Котлар, одговорност во иднина ќе се бара од оној кој ја формирал комисијата.

Алфа се обиде да добие одговори од првиот човек на македонската страна од комисијата Драган Ѓорѓиев за во која насока ќе се преговара за Гоце Делчев, но тој не одговори на нашите повици.

Неофицијално според извори на Алфа, идната средба на која подетално ќе се разговара за Гоце Делчев е закажана за во септември во Софија.
Последно нешто кое беше договорено во комисијата беше заедничкото чествување на Кирил и Методиј, а приближување на ставовите имаше и околу цар Самоил, а се разговара и за браќа Миладиновци.

Meри Ѓорѓиевска