Утре протест на здравствените работници – се бара покачување на платите

Истече рокот што го поставија здравствените синдикалци. Утре излегуваат на протест пред портите на Министертсвото за здравство. Револтирани се од игнорантскиот однос од власта – прашуваат уште дали метлата и џогерот ќе бидат изедначени со инфузијата и инекцијата? И уште колку треба да чекаат за да го добијат ветеното покачување на платите?
“Протестот што веќе беше најавен, утре во 5 до 12часот пред Министерството за здравство ќе биде одржан. Според јавувањата од терен, според претседателите на синдикалните организации кои се во јавните здравствени установи очекуваме големо присуство на протестот” – вели за Алфа Љубиша Каранфиловски, претседател на синдикатот за здравство.
Ако нема поместување во преговорите и исполнети барања ниту по протестот, од Самостојниот синдикат на здравството најавуваат дека ќе применат и други порадикални мерки, детали не откриваат.
“Очекуваме ќе бидеме повикани од министерот и повторно да се види во кој дел е нешто неприфатливо од она што е неминовно и мора да се случи. Неопходно е да се потпише анексот за покачување на платата” – изјави Љубиша Каранфиловски.
Дали и кога ќе биде потпишан анексот на Колективниот договор од Министерството за здравство не добивме одговор.
Со барање за покачување на платите и усогласување со промените на минималната плата, синдикатите минатиот месец излегоа на протести пред Клиничкиот центар и ГОБ ,,8 Септември” во Скопје, протести имаше и во други градови низ државата.
Ања Лукарова