Утре прослава по повод 31 година независност – во официјалниот слоган ни „М“ од Македонија

8 септември 2022 – ОБЕДИНЕТИ ВО СЛОБОДАТА – ова е слоганот на Владата по повод 31 година независност, која и овој пат успеа да ги одбегне националните симболи и името на државата. На логото, го нема ниту македонското знаме, наместо тоа, е нацртана географската карта на Македонија во црвена, портокалова и жолта боја. Официјалното лого го објави премиерот Димитар Ковачевски на социјалните мрежи:

Денот на независноста е празникот на кој сите се гордееме. Врежан во македонската историја со златни букви, нашиот трет Илинден, годинава го одбележуваме под мотото „Обединети во слободата“ 31 година заедно. Обединети. Силни. Слободни – напиша премиерот.

Заборавање или изоставување на Македонија, Македонци, и национални симболи како да стана традиција за Владата. Ни на слоганот за најголемиот празник Илинден, не беше спомната Македонија. Тој гласеше „Нашата сила за иднината“. Тогаш премиерот Ковачевски го сподели симболот на социјалните мрежи, нагласувајќи дека нашиот поглед бил вперен во иднината, исто како и на илинденците и асномците и заеднички сме го остварувале нивниот сон. Оваа година беше трета по ред кога не го споменува името на државата. Во 2019-та парола гласеше „Сите сме деца на Илинден“,  во 2020 „Победа за сите-Илинден“. Лани пак, логото беше Илинден 2021.

Минатата година за јубилејот 30 години независна Македонија, повторно Владата со својата илустрација налути дел од јавноста и историчарите, кога македонското осумкрако сонце стана сонце со 12 краци. Според тоа владино лого, Македонија славеше како „Северна“. Пишуваше „30 МК“, а долу „Северна Македонија“, иако Северна постои од 2019-та година.

Дел од експертите во областа на хералдиката – реагираа дека стануваше збор за негрижа од страна на оние кои го изработиле логото, бидејќи е недозволиво, додавање краци на македонското знаме.

По бурата реакции во јавноста, владата побрза да се оправда па преку соопштение ифнормираше дека на логото воопшто не било државното знаме туку одбрана илустрација на сонце.

Адријана Алексиеска