Утре во МКЦ промоција на книгата „Медиумскиот егзил на книжевноста во македонската култура“ од Александра Јуруковска

Во Галеријата на Младинскиот културен центар, утревечер (12 април), со почеток од 20 часот ќе се одржи промоција на книгата „Медиумскиот егзил на книжевноста во македонската култура“ на Александра Јуруковска.

Промотори на делото, кое е во издание на „Авант прес“, ќе бидат Елизабета Шелева и Александар Прокопиев. Книгата е издадена со поддршка од Министерството за култура.

„’Медиумскиот егзил на книжевноста во македонската култура’ е компаративно-интермедијална анализа за третманот на книжевноста во неколку македонски медиуми. Истражувањата се насочени кон македонските состојби (во најголем дел анализирани заклучно со 2012 година), во контекст на светските тенденции, повремено споредени и со регионалните текови. Поаѓајќи од големото прашање на Умберто Еко: ‘Дали интернетот ќе ја убие книгата?’ еден дел од трудот се занимава со книжевноста во дигиталната ера, односно со релацијата на литературата со новите медиуми“, стои во предговорот на книгата.

Главниот научен метод што го избира авторката е компаратистиката, а главните податоци за медиумите се прибирани преку дирекни интервјуа со десетина уредници и новинари.

Александра Јуруковска е новинар и книжевен критичар. Родена е 1981 година во Скопје. Дипломирала на Катедрата за општа и компаративна книжевност при Филолошкиот факултет „Блаже Конески“. На истата катедра во 2012 година магистрира со труд од областа на интердисциплинарните односи на книжевноста и медиумите.

Од 2001 година работи како новинар и уредник во културните и информативните редакции на повеќе медиуми во Македонија: Радио Бус, Македонско Радио – Радио Скопје, Наша ТВ, Студент ФМ 92.9- радиото на УКИМ. Од 2016 е новинар и водител во ТВ АЛФА.
Новинарското искуство го надградува низ повеќе професионални обуки и програми во Дојче Веле, Радио Канада и Институтот Медиапан во Сараево.

Во 2017 и 2018 била шеф на прес-центарот на Струшките вечери на поезијата и модератор на фестивалските панел-дискусии. Истата година е гостин-уредник и на престижната европска платформа за поезија Версополис и нејзиното е-списание www.versopolis.com
Јуруковска е еден од основачите и уредниците на порталот www.cooltura.mk.

Нејзините новинарски текстови, критики, рецензии и есеи за литературата и театарот се објавувени во сите позначајни специјализирани списанија и магазини за култура и литература во Македонија: „Синтези“, „Наше писмо“, „Културен живот“, „Театарски гласник“, „Спектар“, „Литературен збор“, „Разгледи“, „Современост“ како и на порталите: eckermann.org.rs, www.blesok.com, www.reper.net, www.balkani.eu, www.javno.com. Учестувала на повеќе научни конференции и дискусии од областа на културата и медиумите.

Од 2008-2015 година објавува критики за современата македонска литература во дневниот весник „Дневник“. Нејзината прва книга „Ткаење на текстот“ (Силсонс, 2014) е избор од тие текстови. „Медиумскиот егзил на книжевноста во македонската култура“ е нејзина втора книга.