Утрешната меѓувладина конференција се сведува на обична фотосесија, Македонија не почнува преговори

Македонија утре нема вистински да ги почне преговорите за влез во Европската Унија. Првата меѓувладина конференција во Брисел која власта ја претставува како голема победа ќе се сведе на обична фотосесија со многу насмевки и убави зборови, бидејќи е јасно дека почетокот на преговорите се условени со отворање на Уставот кое треба да се случи пред втората Меѓувладина конференција. Според поранешната амбасадорка Василка Попоска Треневска, Македонија е изолиран случај, во кој има една политичка меѓувладина, а дури откако ќе ги исполниме условите запечатени во францускиот предлог и протоколот, ќе следи онаа вистинската. А твредењата на министерот Бујар Османи, дека процесот ќе се одвива во две фази, се само обична фарса.

Благодарение на нашата неспособна дипломатија, станува збор за една фотосесија, со многу насмевки и убави зборови од челниците на ЕУ. Најзадоволна ќе биде Бугарија, која доживеа дипломатски триумф и успеа да наметне дипломатија за која оваа неспособна Влада не е дорасната. За бугарските претставници ова е голем успех, бидејќи нивните барања прераснаа во предлог на самата Унија односно преку францускиот предлог – изјави поранешната амбасадорка Василка Попоска Треневска.

Според Попоска Треневска, Македонија не требаше да го прифати францускиот предлог бидејќи е крајно штетен, а последиците и уцените од Бугарја ќе ги чувствуваме со децении.

Сметам дека Македонија не требаше да го прифати францускиот предлог бидејќи е крајно штетен за нас, а чии последици и уцени од Бугарија ќе ги чувствуваме со децении. Македонија е закочена со своите стратешки цели, а тоа е членство во ЕУ. Втората меѓувладина конференција, за промена на Уставот што е услов, за почеток на пристапни преговори, нема да дојде судејќи според изјавите на опозицијата дека нема да поддржат уставни измени – вели Попоска Треневска.

Добитници од целата ситуација споредТреневска, ќе бидат, Европската Унија, која од дневниот ред си симна еден проблем, бидејќи сега ние ќе треба да го менуваме Уставот, и Бугарија, која сите свои барања со помош на ЕУ успеа да ги протне во преговарчката рамка.

Дека првата меѓувладина конференција ќе биде само обично сликање, деновиве предупредуваа повеќе експерти. Судејќи според нивните изјави, ова ќе бидат преговори без преговори, како што претходно многу пати имавме датуми без конкретни датуми за старт на преговорите.

Адријана Алексиеска