Устав или „алваџиски тефтер“?!

Устав – највисокиот правен акт на секоја  држава, или во Македонија, книга која многу често се отвора, а нејзината содржина се  менува. Ако се оствари планот на Владата за внесување на Бугарите во Уставот, со што би се исполнило барањето кое потекнува од Францускиот предлог, македонскиот устав ќе се отвори по 9 пат .

Првите измени Уставот ги претрпе само една година по донесувањето, во 1992 со донесувањето на амандманите I и II.

Амандманот I се однесува на тоа дека Македонија нема територијални претензии кон соседните држави, односно, дека, границата на Република Македонија може да се менува само во согласност со Уставот. Вториот се однесуваше на грижата на државата за македонскиот народ во соседните земји. Оваа одредба беше дополнета со формулацијата дека „Републиката при тоа нема да се меша во суверените права на други држави и во нивните внатрешни работи“.  

Шест години подоцна, Уставот повторно се отвори. Тогаш претседател на Собранието беше Тито Петковски. По иницијатива на Врховниот суд, со амандманот III се променија одредбите за времетраењето на притворот, односно наместо 90 дена, притворот до подигањето на обвинението, по одлука на судот може да трае најдолго 180 дена од денот на притворањето.

Крупни измени се случија и во 2001, по потпишувањето на Рамковниот договор, од кој произлегоа три анекси: анекс за уставни амандмани, за измени во законодавството и за имплементација и мерки за градење на доверба. Меѓу 15те амандмани, беше и оној за Бадентерово мнозинство кој предвидува:

За закони кои директно ги засегаат културата, употребата на јазиците, образованието, личните документи и употребата на симболите, Собранието одлучува со мнозинство гласови од присутните пратеници, при што мора да има мнозинство гласови од присутните пратеници кои припаѓаат на заедниците кои не се мнозинство во Република Македонија.

На предлог на тогашната Влада  во 2003 година беше донесен Амандманот XIX. Со овој амандман се овозможува отстапување од неповредливоста на тајноста на писмата и сите други облици на комуникација, а не само на писмата како што е наведено во Уставот од 1991 година. Во 2005 година повторно се усвоени 11 амандмани кои се однесуваат на реформите на судскиот систем, односно на промената на организацијата на судскиот систем, изборот на судии и јавно обвинителство.

Уставот се отвори и во 2009 и 2011 година. За намалување на цензусот за претседателски избори и амандманот од 2011 година кој се однесува на тоа дека На државјанин на Република Македонија не може да му биде одземено државјанството.

Најдолгата пауза од уставни измени се случила по промената на власта во 2006 год. Па од 2011 година, Македонија 8 години не го отворила Уставот. Следните промени беа во 2019 година, и според стручната фела и јавноста се работеше за можеби  најболните уставни измени, кога Република Македонија стана Република Северна Македонија. 

Сега, Македонија е пред нов предизвик, по само три години, власта сака повторно да го отвори Уставот, за внесување на Бугарите, бидејќи тоа е првиот и базичен услов за вистинско почнување на преговорите. Освен Бугарите, доколку власта обезбеди двотретинско мнозинство, во Уставот ќе се внесат и Евреите, Црногорците, Хрватите, Торбешите…. Опозицијата е децидна дека нема да дозволи уставни  измени, а власта се надева дека ќе го има потребниот број на пратеници кои ќе гласаат за уставни измени, и покрај критиките од голем дел на стручнта фела дека нашиот Устав многу често претрпува измени, и тоа најчесто по декрет на надворешно влијание.

Адријана Алексиеска

КАТЕГОРИИ
Споделете ja веста