Уставните измени на седница до 15-ти јануари

Уставните амандмани ќе се гласаат најдоцна до 15 јануари, а од понеделник започнува комисиската расправа во третата завршна фаза кога може да се предлагаат амандмани на предложените амандмани од страна на Владата, најави собранискиот спикер Талат Џафери. Власта уверена – поддршката на пратеници ќе растела, а уставните измени биле неопходни за интеграција на земјата.

Но и покрај уверувањата на премиерот Заев дека расте поддршката во Парламентот за гласањето а амандманите го гарантираат правото на самоопределување, мнозинството сепак не е единствено. Лидерот на интегративците Али Ахмети отворено порача дека е загрижен за процесот, но Џафери го правда – поделеност немало, загриженоста била да не се наруши процесот на имплементација на Договорот од Преспа.

Опозицијата не отстапува од ставот за штетноста на Преспанскиот договор кој предвидува менување на Уставот. И оние пратеници кои го обезбедија 2/3 мнозинство не препознале вредност, туку гласале поради ветувањата, вели лидерот на партијата Мицковски .

Поддршката на Заев за менување на Уставот сепак му е условена со барањата на собраниското тело за помирување. Но таму работите се движат бавно – отсутни се дел од членовите, но биле потребни и дополнителни правни консултации. Се уште не е доставена ниту нацрт-верзија на законот за амнестија, кој беше и основата за помирувањето. По неколку одложувања најверојатно во среда ќе се пеглаат сите детали околу објавувањето на законското решение.

Ивана Соколовиќ Најдова