Уставните измени исчезнаа во Владата: Се уште не биле ниту тема на разговор на Илиндеска, не се знае кога ќе завршат во Собрание
Уставните амандмани влегоа во Владата и едноставно исчезнаа. Точно еден месец како од Министерството за правда беа пратени на Илинденска, се уште не биле ниту тема на разговор на владина седница. Од владината ПР служба велат не се знае ниту кога точно ќе се разгледуваат, па ниту кога ќе бидат пратени во Собрание. Останува непознато до кога амандманите ќе фаќаат прашина во владините канцеларии.
-Уставните измени кои ги подготви работната група ќе бидат разгледани на една од наредните седници на Владата, по што тие ќе бидат испратени до Собранието. Уставните измени не беа на дневен ред на вчерашната владина седница. Кога Владата ќе донесе одлука јавноста ќе биде навремено известена, велат од Влада.
Иако ги имаат цел еден месец, дека се уште не биле ниту разгледани ни потврди и премиерот Димитар Ковачевски.
-Уставните измени ќе влезат во Собранието тогаш кога ќе биде оценето од страна на Владата, ќе биде одржана седница на која што ќе бидат во детали разгледани предлогот доставен од работната група и од страна на Министерството за правда и потоа ќе започне процесот во Собранието. Ова е процес кој што не треба да се избрзува, меѓутоа треба да се направи брзо, значи ни треба брз, но не избрзан процес, изјави Ковачевски.
На оваа тема поголем оптимист од премиерот е неговиот прв заменик. Додека Ковачевски вели дека сега прво треба детално да ги разгледаат на владина седница, Артан Груби имал некаква временска рамка кога амандманите би влегле во Собранието.
-Во моментов се обидуваме, правиме напори да пристапиме кон тие уставни измени, да ги започнеме. Целиот процес би траел околу 4, 4 и пол месеци, максимум пет месеци, така да крај на јули би требало да ја почнеме целата постапка во Собранието за менување на Уставот, кажа Груби.
Власта последнава година цело време ни порачува дека уставните измени морале да се донесат до октомври годинава. Па сега покрај немањето на потребните 80 пратеници, проблем може да бидат и временските рокови предвидени според собранискиот деловник, кој не може да почнат да течат додека амандманите не пристигнат во Собранието.
-Од приемот до седницата мора да поминат минимум 30 дена, затоа што во тие 30 дена максимум 10 дена треба да работи комисијата која што треба да заврши 8 дена пред денот предвиден за одржување на седницата. И кога ќе ги изберете деновите испаѓа 30 дена треба да имате од свикување на седницата до одржување на седница, изјави Џафери.
Инаку, опозицијата секојдневно ја повикува власта конечно да ги испрати амандманите во Собранието, каде Ковачевски и неговите колеги би виделе дека кај опозицијата не постои поддршка за уставни измени во овие услови и под бугарски диктат.
Матеја Петровски