Уставниот суд го „поништи“ Лога
Изводите на родени, умрени и венчани да се издаваат без графа за националност додека не се донесе конечната одлука, пресече Уставниот суд. Техничкиот пропуст на министерот Лога, кој го пречекорил уставниот рок од 7 дена за објавување во Службен весник беше доволен аргумент мнозинството, уставни судии да продолжат да ја испитуваат уставноста на Упатството. Дали воопшто треба да стои националност во изводите, Уставен ќе каже кога детално ќе биде разработена иницијативата.
- „Одлучено е да се донесе и т.н. времена мерка, односно решение со кое се запира извршувањето на обрасците кои веќе се во примена. Конкретно на изводите од матична книга на родените, со оглед на тоа дека другите се со одложена примена од 1-ви јануари 2024 година. Имаше различни размислувања, но на крај, важното е дека имаше пет гласа. Со оглед на тоа дека имаше мнозинство Уставниот суд поведува постапка“ рече Христина Беловска – портпарол на Уставниот суд.
Лога признава дека датумот бил надминат, но бидејќи се работи за техничка грешка најави дека Правда спрема ново упатство кое ќе стапи во сила во предвидениот рок. За министерот, со ова Уставниот суд ја отвора пандорината кутија, бидејќи според Лога, во десетици случаи до сега не бил испочитуван уставниот рок за објава во Службен весник.
- „За укинувањето сметам дека требаше да биде од формален аспект, а не да се купува време. Јас ја почитувам нивната одука за времена мерка и најавувам дека ќе има нов прочистен текст на упатството, кој деновиве ќе биде пуштен за објавување. Со тоа, времената мерка ќе биде беспредметна“ – рече министерот Лога.
Дека на графа за националност не и е место во изводите, посочија повеќе правници и универзитетски професори. Според екс- министерката Дескоска, новото упатство треба да се поништи, со образложение дека сензитивните податоци за етничката припадност, религијата, политичката припадност, сексуалната ориентација не смеат да се најдат во документ, туку само во матичната книга. Дескоска се повика и на повеќе меѓународни документи за заштита на податоците кои се на сила и во Македонија.
Упатството на Лога, со кое сакаше да поентира кај албанското гласачко тело, на голема врата беше пречекан од бугарски невладини организации да вршат пропаганда во Македонија, со објаснување дека ако во изводите на родени граѓаните се изјаснат како Бугари лесно ќе добијат и бугарск и пасош.
Викторија Миткова