НАЈНОВИ ВЕСТИ

Условите застрашувачки- проширувањето на ЕУ повторно во игра

Проширувањето на ЕУ несомнено повторно се враќа на агендата во Брисел, но начинот на кој тоа ќе се случи е повеќе од проблематичен. Контрадикторните изјави од највисоките челници на европската бирократија и особено условувањата од страна на Франција остваат простор за надеж, но временската рамка е далеку од она на што се надева македонската Влада, дека во 2030 година ќе се најдеме на масата со останатите членки. Британски Гардијан во опширна анализа ги набројува сите препреки кои стојат на патот на проширувањето.

Фактот дека секоја од 27-те членки може да стави вето на приемот на една земја, ја прави внатрешната политика важен фактор во одлучувањето кој ќе влезе во ЕУ, а кој не. Доколку владата на која било земја-членка заклучи дека некое од наведените прашања нема да му угоди на нејзиниот електорат, тоа би можело да го блокира проширувањето, наведува британскиот весник.Нема сомнеж дека македонскиот проблем со Бугарија е од токму таков карактер со што влезот во ЕУ за нас би можел да биде пролонгиран до недоглед.

Но Гардијан продолжува со тешки прашања: Какво влијание би имало проширувањето врз буџетот на ЕУ, кој веќе е под притисок? Дали Полска, Грција или Унгарија би биле среќни да преминат од корисници на фондовите на ЕУ во донатори? Дали Германија и Франција би биле подготвени да одвојат повеќе пари? Што со бројот на пратеници во Европскиот парламент кој би станал најголем во светот? Потоа реформата на земјоделската политика во ситуација кога земјоделските заедници стануваат исклучително важни, а со влезот на огромната Украина таа би била главниот корисник на заедничките пари во областа на земјоделството.

Стивен Блокманс, директор за истражување во бриселскиот Центар за европски политички студии за Гардијан предупредува дека Европската комисија допрва треба да ги претстави можните сценарија за буџетски и институционални реформи во проширената Унија.

Телоп

„Ништо што наликува на опиплива, структурирана реформа на процесот на проширување се уште не е појавено“, коментира Блокманс.

Позитивно од анализата на Гардијан е само потенцирањето дека проширувањето на ЕУ долго време беше „клинички мртво“, но војната во Украина го врати во игра и сега е една од трите топ теми во Унијата.

Драган Милосављевиќ