Условите во затворите недостоинствени – по еден чувар на 80 престапници

Ниту гинеколог, ниту стоматолог, ниту пак соодветен стручен кадар – лицата кои издржуваат казна затвор мака мачат да добијат соодветна здравствена услуга, алармираат од канцеларијата на Народниот правобранител. Велат корупцијата во казнено поправните установи цвета, а доказ за тоа добиле лично од притворените и осудени лица.

„За одредена сума пари може да се набави телефон, дрога, поволности, подобар кревет и отсуство, констатацијата е дека во затворите корупцијата функционира како систем во кои се инволвирани и затвореници и стручни лица“, вели заменик народниот правобранител Васка Бајрамовска Мустафа.

Пратеникот Трајко Димков пред Постојаната анкетна комисија во Парламентот истакна дека расте бројот на повратници во затворите, а институциите затаиле во ресоцијализација на еднаш веќе притворените лица.

„Кој ќе ги ресоцијализира тие луѓе таму? Дали имаме доволен број на вработени? Немаме. Дали тие вработени се обучени тоа да го прават, дали се мотивирани?“, прашува Димков.

На денешната јавна расправа за човековите права во казнено – поправните установи, анкетната комисија изнесе низа забелешки од спроведеното истражување на терен. Велат нема финансии, недостигаат вработени, а храната која ја добиваат затворениците не ги задоволува стандардите.

„Условите за живот се нехумани и лоши. Потребно е подобрување на ресоцијализацијата на осудените лица. евидентен е недостаток на здравствени услуги“, вели Фадил Зендели од Постојаната анкетна комисија.

Надлежните се правдаат – наследиле големи долгови.

„Паралелно со процесот на подмирување на овие обврски, исплатени се во 2018 – 58 милиони денари, а до јуни оваа година 17 милиони денари на добавувачи и на вработените во КПУ кои тужеле“, вели Билјана Зефил од Управата за извршување на санкции.

Постојаната анкетна комисија во период од една година посетила два затвори – оној во Идризово и затворот во Штип, како и казнено поправната установа во Охрид во која се сместени и малолетни престапници. Нивните истражувања покажале дека во овие установи има мал број на вработени – по еден стражар на 80 затвореници, кои работеле прекувремено, а за тоа не биле ниту соодветно платени.

Биљана Божиновска