Усвоени заклучоците за Македонија – датум најрано во октомври, но и за тоа нема гаранции

Македонија нема да добие датум за преговори летово и тоа е дефинитивна одлука. Министрите за надворешни и европски работи на земјите членки на Унијата во рамки на министерскиот совет се договорија дека ќе се навратат на прашањето најдоцна до октомври, откако претходно не успеаjа да се договорат за конкретен датум за преговори за Македонија и Албанија. Во заклучоците од Советот беше поздравен Договорот од Преспа, но се друго остана исто, што значи дека и покрај сите молби и лобирања од македонска страна, ќе мора да почекаме барем уште неколку месеци.

-Потврдувајќи ги заклучоците од 26 јуни 2018 година, Советот силно го поздравува историскиот Преспански договор без преседан и добро ја зема на знаење препораката на Европската комисија за отворање на пристапните преговори со Република Северна Македонија врз основа на позитивната евалуација и направениот прогрес во исполнувањето на условите идентификувани од страна на Советот. Со оглед на ограниченото време на располагање и важноста на прашањето, Советот ќе се наврати со цел постигнување јасна и суштинска одлука најбрзо што може и не подоцна од октомври 2019 година, гласи последната верзија на заклучокот за Северна Македонија – стои во заклучоците од Советот.

Во нив нема ниту споменувањето на преговарачка рамка, ниту на прва меѓувладина конференција, а дипломатски извори потврдуваат дека нема никаква гаранција дека овие заклучоци по автоматизам ќе значат добивање на датум есеноска. Тие инаку се во корелација со најавата од Берлин дека германскиот Бундестаг за датумот за преговори ќе гласа во октомври, а и германскиот министер за Европа, Михаел Рот изјави дека на германскиот парламент му е потребно дополнително време.

– Разбирам дека се работи за важни прашања за партнерските земји, но мораме да му дадеме време на Бундестагот. Се надевам на позитивен исход колку е можно побрзо, до октомври, нагласи Рот.

Истовремено во ЕУ постои несогласување во врска со евентуалното одвојување на преговорите за Македонија и Албанија. Дел од земјите порачуваат дека Македонија самата би требала да добие датум, а Албанија да почека, но други земји, на чело со Италија, инсистираат дека двете земји мора да го започнат процесот во пакет. Тоа со оглед на отпорот на Холандија кон Албанија, уште повеќе ја комплицира ситуацијата и нашата земја ја оддалечува од европската перспектива.

Драган Милосављевиќ