УНЕСКО: Нотр-Дам не мора да биде ист како што беше

Обновата на париската катедрала Нотр Дам мора да ги заштити универзалните вредности на тоа место, но тоа не значи дека мора да биде реконструирана како што беше, соопшти делегацијата на УНЕСКО по синоќешната средба со францускиот претседател Емануел Макрон.

Претставниците на УНЕСКО искажале подготвеност да помогнат во обновата на Нотр Дам, посебно со давање техничка експертиза.

Генералната директорка на УНЕСКО Одри Азуле изјави дека мора да се почитува „интегритетот и автентичноста“ на тој споменик, бидејќи е дел од светското културно наследство.

„УНЕСКО формално го признава правото на секоја генерација да учествува во наследството на човештвото, меѓу другото и преку прилагодување на природните и историските процеси на промени и трансформации и новите можности кои ги нуди напредната технологија“, се посочува во соопштението по средбата.