„Улици и Патишта“: Санацијата на дупката на мостот во Драчево ќе се заврши најдоцна до понеделник

Дупката на мостот во Драчево која претставуваше опасност за граѓаните ќе биде санирана во текот на викендов, па од понеделник ќе може слободно да се вози на мостот на „Маркова река“ кон населбата Драчево. Ова за Алфа го изјави првиот човек на Ј.П. „Улици и патишта“, Борис Настов. Тој рече дека се работи и на асфалтирање на мостот, стар од 40 години, кој не се одржувал добро.

Техничко решение за санирање на оштетувањето кое во изминатите денови се појави на мостот на Маркова река во населбата Драчево, најави денеска директорот на ЈП „Улици и патишта” Скопје, Борис Настов.

Тој истакна дека во консултација со стручни лица било одлучено дупката да се санира со брзоврзувачки материјали на цементна основа, кои,како што рече ќе овозможат враќање на асфалтот за само 24 часа после реконструкцијата на самата коловозна плоча.

  • Во подготвителните работи за санацијата следува механички да се отстранат лабилните бетонски површини, потоа се става антикорозивна заштита на арматурата, се поставува арматурна мрежа и се залива отворот со самозаливен малтер, вели Настов.

Додаде дека санацијата ќе се заврши за два дена, сметано до поставување на асфалтната маса и од таа причина потенцира дека се бара период со минимална фреквенција на мостот, бидејќи, во еден период од дваесетина часа, сообаќајот на мостот ќе треба да се одвива по само една сообраќајна лента, со најмала можна брзина на движење, од околу 10 километри на час.

  • Генералната состојба на мостот е мало локално оштетување на плочата од коловозот, што може да се смета за „најлесна можна категорија на оштетување на носечката конструкција ” на еден мост. Притоа стабилноста и носивоста на мостот воопшто не е доведена во прашање, туку во овој момент имаме само состојба на мало локално оштетување на плочата од мостот и кое лесно и брзо ќе се санира. Веќе од сабота ќе се работи на тоа и според предвидената работа и во зависност од временските услови би требало да биде саниран до почетокот на другата недела, изјави Настов.

Исто така информира дека генералната забелешка на градежните стручни лица за причините на настанување на дупката на мостот кој е постар од четириесетина години се несоодветното одржување на горниот строј на мостот, неизведена хидроизолација помеѓу армиранобетонската плоча и асфалтната подлога, односно несоодветен заштитен слој на арматурата во плочата, изостанок на периодични прегледи на состојбата на мостовите, како и буџет за одржување на мостовите.

Б.Г.