Украина денес: Тридневен прекин на огнот или крвави борби во Азовстал?

Руските сили во текот на ноќта гранатирале повеќе украински позиции и упоришта при што убиле најмалку 600 војници, соопшти руското Министерство за одбрана. Портпаролот Игор Конашенков додава дека со ракетни напади уништиле авијациска опрема на воениот аеродром Канатово во централно украинската област Хуровград, како и повеќе складишта со муниција во Миколаев.

„Артилериските единици погодија 32 командни пунктови, пет складишта за муниција, 403 упоришта, области каде што е концентриран персонал и воена опрема, како и 51 позиција на украинската артилерија. Повеќе од 600 националисти загинаа“, изјави Конашенков.

Руската армија објави за тридневен прекин на воената активност на 5, 6 и 7 мај за безбедна евакуција на цивилите од челичарницата Азовстал. Ќе бидат отворени хуманитарни коридори за персоналот, жени и деца, кои се уште се во подземните бункери на фабриката. Сепак, тамошните украински бранители тврдат дека руските трупи и натаму се обидуваат да ја освојат челичарницата, сега и со копнена офанзива.

„Веќе втор ден како непријателот упадна во територијата на фабриката. Има тешки, крвави битки. Горд сум на моите војници кои вложуваат натчовечки напори да го задржат притисокот на непријателот. Ситуацијата е исклучително тешка. Но, без разлика на се, ние ја продолжуваме одбраната“, објави кратко видео командантот на баталјонот Азов, Денис Прокопенко.

Од друга страна, руските сепаратисти објавија видео од напад на челичарницата Азовстал, но нема информации кога е извршен нападот.

Оружјето не мирува ниту во другите места во источна Украина. Во ракетен напад во Краматорск има 25 ранети, оштетени се 9 станбени објекти, училиште и друга цивилна инфраструктура. Гувернерот на Луганск, пак, информира за најмалку пет загинати како последица на гранатирањето врз градовите Сјевердоњецк, Лисичанк, Хирске и Попасна.

КРЕМЉ: ЗНАЕМЕ ДЕКА ЗАПАДОТ ИСПРАЌА РАЗУЗНАВАЧКИ ИНФОРМАЦИИ ВО УКРАИНА

Руската армија знае дека западот и обезбедува на Украина не само оружје, туку и разузнавачки информации, изјави денеска портпаролот на Кремљ, Дмитриј Песков.

„Нашата армија е свесна дека САД, Велика Британија и НАТО постојано пренесуваат разузнавачки и други параметри до украинските вооружени сили. Тоа се акции кои не придонесуваат за брзо завршување на општествената воена операција, но во исто време не можат да го попречат остварувањето на нејзините цели“, вели Песков во изјава за руските медиуми.

Претходно, Њујорк Тајмс, цитирајќи високи американски претставници, објави дека САД обезбедиле разузнавачки информации кои им помогнале на украинските сили да ги убијат повеќето руски генерали во војната во Украина.

Слаѓан Ивковиќ

Advertisements