Удира ли власта со легален рекет врз стопанството?

За Владата не е проблем тоа што општините ги условуваат бизнисите на кои им должат да им дадат максимален попуст или воопшто да не им ги вратат парите. Помалите фирми се пожалија дека преговорите со локалната власт се само формални. Наместо бизнис преговори, општините бараат од нив да им простат 15% од главницата и ништо помалку, што значително финансиски ќе ги оптовари, а на некои од нив им се заканува затворање.

Министерот за финансии Тевдовски смета дека нивниот страв бил неоправдан, бидејќи во законот за финансиска поддршка на општините стои дека оние што ќе дадат максимален попуст ќе имаат предност, но тоа не значело дека другите ќе извисат.

„Во законот, тоа може да се види, стои дека ќе се даде приоритет. На крајот, ако државата не ја дадеше оваа финансиска поддршка, таа веројатно тешко ќе беше исплатена кон фирмите. За нас е значајно што околу 3 милијарди денари ќе влезат и ќе чистат стари долгови, напластени од порано. Тоа ќе биде ликвидност во фирмите, што не само што ќе затвори некои неизмирени обврски, туку фирмите ќе можат да ја користат и за унапредување на своите активности, да отворат нови работни места, да инвестираат во нешто. Ако не ја направевме оваа операција, ако не беа одредени овие пари во буџетот, секако тие немаше да стигнат до фирмите“ – вели министерот за финансии, Тевдовски.

Компаниите стравуваат дека нема да видат ниту денар, бидејќи општините добија пари да се раздолжат само кон половина од нив, па имаат простор да ги уценуваат – или да прифатат максимален попуст или да не бидат исплатени. Пари од друго место нема. На 17-те општини кои имаат блокирани сметки, судовите им дозволуваат лимит на средства само за основни потреби, а не за раздолжување, па фирмите немаат надеж дека некогаш ќе наплатат.

Министерството за финансии засега нема информации дали општините станале подисциплинирани во трошењата, откако им префрли 50 милиони евра за раздолжување. Локалната власт има обврска да ги пријавува и евидентира обврските во софтверот кој го направи Министерството за финансии, но се уште не се знае дали тие продолжиле непродуктивно да се задолжуваат и дали биле издадени државни гаранции за нивните заеми.

Ако општините не се договорат со фирмите и не се раздолжат со доделените средства, ќе треба да ги вратат парите во државниот буџет.

Тања Попова