Убиството на Денис Тот чека на расветлување повеќе од два месеци

Убиството на Денис Тот чека на расветлување повеќе од два месеци. Истрагата се уште трае, се чекале и извештаи од судска медицина, велат од Обвинителството, а осомничените се во притвор.

Истражната постапка е во тек. Обвинителството интензивно постапува за утврдување на сите факти, а по завршување на истрагата јавноста веднаш ќе биде известена. Тројцата осомничени се во притвор, бидејќи се уште постојат околностите заради кои притворот првично им беше определен велат за Алфа од Обвинителството.

Бавна правда не е правда, коментира за Алфа, авокатот Давидовиќ. Обвинителството, Институтот за судска медицина но и другите органи мора да работат брзо, особено кога станува збор за убиства.

За жал обвинителството работи брзо само во случаи кога треба клиентилистички да послуша определени политички, партиски и други насоки додека за вакви  работи е постојано во исчекување на некои работи па не може.. вели Давидовиќ.

Шефот на скопското обвинителство, Гаврил Бубевски вели дека наскоро ќе го срочат обвинението според извештајот од судска медицина кој ќе покаже дали по ударите Тот бил свесен или не, од што ќе зависи квалификацијата на кривичното дело.

Ракометарот беше убиен ноќта помеѓу 6 и 7 април во скопски клуб, а по 4 дена се појави видео од убиството пред дискотеката, а медиумите во регионот пишуваа дека постојат сомнежи дека виновниците требало да се сокријат, но видеото го смени правецот на истрагата.

Во меѓувреме, на судска медицина чека и расветлувањето на смртта на Јован Витанов чие тело беше пронајдено пред десет дена во атарот на струмичко Ново Село. Обвинителите и судските вештаци не можеа да се усогласат дали модринките на телото на Витанов укажуваа на насилна смрт, како што соопшти струмичкото обвинителство, или не.

Не е овде само во прашање, Обвинителството и судска медицина , вие сте свесни дека често пати Владата презема ингеренции на други органи, дека министерствата преземаат, па обвинителство презема судски надлежности и.тн.н. Овој пат обвинителот очигледно бил неискусен и малку ја претерал и преуранил со свои заклучоци наместо да почека вели Звонко Давидовиќ – адвокат.

Ваквите проблеми Давидовиќ ги лоцира единствено во најаваните, а никогаш не спровдени реформи во правосудниот систем и покрај укажувањата од правниците.

Викторија Миткова

Поврзани вести