Уапсен возачот кој го прегази 11 годишното девојче во Велес

Полицијата го пронајде и уапси возачот кој во саботата смртно прегази 11 годишно девојче на пешачки премин во Велес.

29 годишниот Ангелче Н. не беше достапен за полицијата нешто повеќе од еден ден, откако со патничко возило „Мерцедес“, со велешки регистарски ознаки удрил во 43 годишната жена и нејзината малолетна ќерка, по што избегал.
Од МВР за Алфа потврдуваат дека возачот денеска ќе биде сослушан за настанот.

Потоа, во коорданиција со јавен обивнител треба да биде изведен пред суд, за да се одлучи дали ќе му биде изречена мерка за обезбедување на присуство, имајќи во предвид дека беше недостапен за органите на прогон.

Несреќата се случи во саботата, нешто по 22 часот, на улицата „Борис Трајковски“ во Велес, кога автомобилот движејќи се со голема брзина удрил во мајка и нејзината ќерка, кои според првичните сознанија се наоѓале на крајот од пешачкиот премин, за да се качат на тротоар.

Од ударот мајката паднала на земја и се здобила со тешка телесна повреда, додека девојчето било исфрлено дури до следниот пешачки премин кај училиштето „Васил Главанов“ и починало од повредите пред очите на родителите.
Двајцата родители со возило на итна помош биле префрлени во велешката болница. Мајката имала скршеница на ногата и повреди на главата, таткото бил во состојба на шок со болки во градите.

Пешачките премин, кои се сметаат за безбедно место за минување на улица, во последно време се често место на трагедија. Минатата година, кај трговскиот центар „Сити Мол“, преминувајќи го булеварот „Партизанска“, настрада 24-годишната Викторија Николова, а на истиот булевар, но кај Универзалана сала настрада студентката Фросина Цековска.
Лани во јуни, на крстосницата кај гимназијата „Јосип Броз Тито“ во Скопје, на пешачки премин настрада и 32-годишна скопјанка пред очите на сопругот и петмесечното бебе.

Никола Цветкоски

Advertisements