Тутунарите се сомневаат дека на сите ќе им бидат исплатени субвенциите; годинашното производство значително намалено

       „Наместо да се посветиме на садењето кое ни е во полн ек, ние секој ден се шетаме до банките каде чекаме со часови за субвенциите, кои ни се ем задоцнети, ем обезвреднети. Ова вака никогаш не било“, се жалат тутунарите на уште три работни дена пред истекот на крајниот рок за исплата на субвенциите.

  „Години наназад, после откупот, за месец дена се подготвуваа документите и после месец дена, се исплаќаа субвенциите во рок од два-три работни денови. Никогаш ова не било – девет работни денови. Наша претпоставка е дека ќе останат луѓе неисплатени. Ќе ги праќаат во Платежна агенција, ќе ги праќаат во Министерство, во Подрачните и…може ќе ги земат дури на крај на годината“, – ни изјави за Алфа, Тони Ангелески, претседател на ТЗ „Жолто тутунско злато“.

   Заради континуираниот игнорантски однос на власта кон земјоделците воопшто, а посебно кон тутунарите кои и годинава треба да работат за катастрофално ниски откупни цени, а со скапија која го пробива и таванот, Ангелески е убеден дека тутунопроизводството во Македонија, умира.

  „Едноставно, тутунопроизводствово, година за година, ќе изумри. Едно од државата, едно од нагорниве цени, едно што народов си бега. Откупните претпријатија си планираат 24 милиони, но наша претпоставка е дека негде околу 15 милиони килограми да биде максимумот што ќе се откупи“, – објаснува Ангелески.

   Следствено на сите овие состојби и бидејќи власта се откажала од селата и земјоделците, тутунарите уште на почетокот од неделава упатија апел за приклучување на престојниот протест, закажан за утревечер.

   „Излезот од сето ова го гледам во смена на власта. Да ги повикам сите земјоделци, особено тутунарите, на 18 јуни масовно да се вклучат во протестот на опозицијата се со цел промена на власта“, – рече Васко Јосифовски, претседател на ТЗ „Тутунска надеж“. (13.06.2022).

   Инаку, според најавите од Платежната агенција, исплатата на два месеци задоцнетите субвенции треба да заврши на 22 јуни. Досегашниот начин и темпо на исплата, создаде многу сомнежи кај тутунарите, а лути се и заради обезвреднетоста на средствата. 

Каролина Дурло