Тутунарите реагираат: Премиерот сее магла и лаже, откупната цена на тутунот останува пониска од производната

Премиерот сее и продава магла дека годинашните откупни цени на тутунот ќе имаат историски најголемо зголемување од 20 проценти. Со таквите изјави, тој продолжува да ја навредува интелигенцијата на тутунарите и од нив да прави неписмени будали кои абер немаат од математика. Цената на тутунот ќе остане иста како и лани, бидејќи официјална валута за трговија со тутун е американскиот долар, а неговата вредност од ланските 54 денари, годинава скокна на 62 денари, реагираат тутунарите по завчерашната посета на Ковачевски на Прилеп.

– „Просечната откупна цена во минатата година од 200 денари претворена во долари изнесуваше 3.75 долари по килограмм, односно според вредноста на доларот во тоа време од 54 денари. Сегашниот курс на доларот со вредност од 62 денари ако се помножи со ланската просечна цена од 3.75 USD(200 ден.) ќе добиеме просек од 233 до 235 денари кој според цените кои вие ги објавивте и се очекува. Ова потврдува дека цената е иста и непроменета во однос на лани. Ако на ова се додаде фактот дека просечната производна цена за оваа реколта достигна 239.7 денари, само ни се потврдува дека откупната ќе биде пониска од прозводната“ – стои во писмената реакција од координаторот на четирите новоформирани тутунски здруженија, Игор Мирчески.

На трибината која СДСМ во петокот ја одржа во Прилеп, премиерот Ковачевски се пофали дека СДСМ секогаш бил на страната на тутунарите и земјоделците.

– „Заедно заклучивме годинешните цени на тутнот да бидат: прва класа 300 ден., втора класа 240 ден., трета класа 180 ден., четврта класа 100 денари. Сето ова е за 20 посто повеќе отколку минатата година. исто како што ветив и остварив дека за 30 посто ќе ги зголемиме цените на грозјето, исто ќе направиме и со тутунот и тоа во најкризната година во Европа после Втората светска војна“, кажа Димитар Ковачевски.

Тутутунарите пак, порачуваат премиерот и сите надлежни институции да седнат со откупувачите и реално, а не со сеење магла, да ги поткренат откупните цени на тутунот ако државата сака и во иднина да ја одржи оваа земјоделска гранка.

Александра Дурло

Advertisements