Туск и Варадкар повикаа на интензивирање на подготовките за Брегзит без договор

Ирскиот премиер Лео Варадкар синоќа соопшти дека со претседателот на Европскиот совет Доналд Туск се согласиле дека треба да се интензивираат подготовките за Брегзит без договор, откако британската премиерка Тереза Меј го одложи гласањето во Парламентот за договорот за излез од ЕУ.

Варадкар и Туск во синоќешниот разговор се согласиле дека Договорот за повлекување е најдобра опција и оти за тој документ не може повторно да се преговара.

– Тие се согласија и дека подготовките за исход „без договор“ треба да се интензивираат, стои во соопштение од Кабинетот на Варадкар.

Претседателот на Европскиот совет, Доналд Туск синоќа истакна дека ЕУ нема повторно да преговара за договорот за излез на Велика Британија, вклучувајќи го и контроверзниот договор за ирската граница.

Туск на Твитер напиша дека во четврток ќе свика состанок на сите земји-членки на ЕУ, со исклучок на Велика Британија, на кој ќе се разговара за британските преговори за напуштање на ЕУ.

– Нема повторно да преговараме за договорот, вклучувајќи го и „бекстоп“ (безбедносната мрежа), но подготвени сме да разговараме како да ја олесниме ратификацијата на договорот од страна на Велика Британија, додаде Туск.

– Со тек на време, исто така ќе разговараме за нашата подготвеност за сценарио без договор, истакна претседателот на Европскиот совет.

Британската премиерка Тереза Мај пред британските пратеници денеска изјави дека планира да одржи итни разговори со лидерите на ЕУ за да разговара за евентуални промени во врска со „бекстоп“.

Во центарот на спорот, во преговорите за договорот за Брегзит беше правната гаранција дека границата меѓу Северна Ирска и Република Ирска ќе остане отворена, таканаречен „бекстоп“ или безбедносна мрежа, на кој инсистираше ирскиот премиер Лео Вардакар и неговите европски сојузници, и Британија на крајот безволно и со голем отпор се согласи.