Туск: Договор за Брегзит е можен до крајот на годинава

Претседателот на Европскиот совет Доналд Туск денеска изјави дека е можно до крајот на годинава да се постигне договор со Британија за излез од ЕУ.

– Ќе се обидеме да се договориме и во октомври…но мислам дека има шанси договорот да биде готов до крајот на годинава, рече Туск на маргините на конференција во Краков, Полска.

Лидерите на ЕУ ќе се состанат на 17 октомври во Брисел, за да разговараат за можен договор за Брегзит со Велика Британија, соопшти претходно Европскиот совет.

Претседателот на Европскиот совет Доналд Туск за 17 октомври закажа вечера за 27 шефови на држави и влади на ЕУ, која ќе се одржи еден ден пред регуларниот самит на кој ќе присуствува и британската премиерка Тереза Меј.