Турција сепак нема да стави кочница за членството на Македонија во НАТО

Прва безусловна позитивна нота од Турција: Нема пречка, односно проблем за ратификација на Протоколот за вашето членство во НАТО, порачува турскиот заменик министер за надворешни работи Фарук Кајмакџи во интервју за МИА. Според него, ратификацијата се пролонгирала заради изборите таму, но штом се соберело турското собрание Протоколот ќе бил во приоритетите на дневен ред.
-Можете да бидете спокојни, ние сме Ваш најголем поддржувач во насока на членството во НАТО и имаме намера овој процес да се заврши во најбрз можен рок, вели Кајмакџи.
За разлика од неговиот колега Хулуси Акар, министер за одбрана кој на почетокот на април предупреди дека во Македонија постојат структури на организацијата Фето, а тоа им штетело на односите на двете земји- сега Кајмакџи со целосно различна порака.
-Имаме нови моменти со кои што се соочуваме, и се надевам дека во наредниот период ќе се направат конкретни елементи за и двете земји се ослободат од оваа терористичка организација, рече Хулуси Акар министер за национална одбрана на Република Турција, на 3.4.2019.
-Борбата на Северна Македонија против Фето е многу значајна од аспект на Турција, а е многу значајна и за иднината на Северна Македонија. Фето е терористичка организација која во своите дејствувања често вршат незаконски снимања, аудио – визуелни записи кои после тоа ги користат за предмет на уцени во насока на нивни интереси, нагласува Кајмакџи.
Во меѓу време во Македонија, според министерот Спасовски, се водела постапка за екстрадиција на припадниците на ФЕТО, па 2 од вкупно 15 веќе не биле во земјава.
Инаку Турција важи за еден од најголемите сојузници на Македонија, па нератификувањето на Протоколот ги замати очекувањата на власта дека Анкара меѓу првите ќе го направи тоа. Турција лани побарала екстрадиција на 15 лица, осомничени дека се блиски до организации поврзани со Фетула Ѓулен – обвинет за неуспешниот државен удар во Турција.
До сега, Македонија добиваше разочарувачки ноти од Анкара, оти македонската влада не презела ништо за санкционирање на ѓуленистите.
Искра Коровешовска