Туристичките аранжмани поскапеа за 9%, од агенциите смируваат – тоа немало да го почувствуваат туристите

Туристичките аранжмани поскапеа за 9%, измери државната статистика. Па така цените одат на горе како за хотелското сместување, така и за превозот до саканата дестинација. Од статистика пораст забележуваат и кај авионскиот превоз на патници за 1,7%, а тоа секако би се одразило за оние кои ќе летаат со авион. Од агенциите смируваат, велат благото поскапување немало да се почувствува кај туристите.

Дел од туристичките работници велат дека годинава најбарани се чартер летовите за Турција и Египет, но секако и Грција поради близината останува во игра.

Цените, велат, зависат од многу фактори. На пример има и граѓани кои сакаат да летуваат и на Малдиви, и ова уживање за седум ноќевања по лице чини од 900 евра па на горе.

– За Египет цените се атрактивни, а и тоа е дестинација која има многу што да понуди. Погодна е и за семејни одмори, но и во други комбинаици. Исто така и Анталија е хит, бидејќи има летови три пати неделно, а Грција е традиционално барана во форма на приватно сместување, главно регионот на Халкидики, Пиерија, Јонскиот брег, Скијатос. Луѓето сакаат да патуваат и на егзотични дестинации како Малдиви, Тајланд, Бали, Куба. Со оглед на тоа што се повеќе авиокомпании летаат и имаат конекција со Скопје, цените се сè поповолни. Цените зависат од многу фактори, но на пример на Малдиви се движат од 900 евра по лице за седум ноќевања, на Тајланд 1.000 евра за 10 ноќевања, вели Ана Крстевска – Каламадевска, од „Савана“.

Дел од граѓаните велат дека близината на грчките плажи, како и можноста преку интернет да се прават резервации, уште повеќе придонесува да се направи добар избор. Некои пак велат дека и агенциите биле скапи.

Со развојот на технологијата и интернетот значително се менуваат и навиките на граѓаните сами да си резервираат апартмани. Тоа најчесто го прават преку booking, Airbnb, но и преку сопствена режија.

Годинава интересно е тоа што има тренд на зголемување на побарувачката на закуп на апартмани во Грција за цела сезона, од мај до септември, што според туристичките работници е логично, заради исплатливоста на таквата зделка.

Борис Грујоски