Трошоци на функционерите – премиерот секој ден дава 120 државни евра по ресторани и кафеани

По 120 евра секој ден, без разлика дали е делник или празник. Ова е просекот на државни пари што премиерот ги троши во ресторани и кафани дома и во странство. Минатата година за угостителски услуги државата само за него платила 44 илјади евра.

На второ место во оваа категорија пак е вицепремиерот за евроинтеграции, Бујар Османи кој за угостителски услуги потрошил 9.100 евра, бронзата со 9.000 во оваа категорија ја има вицепремиерот за економски прашања, Кочо Анѓушев.

Според јавно достапните информации од Владата вкупните трошоци од службените картички за минатата година биле речиси половина милион евра.

Најголем трошаџија од сите е премиерот Зоран Заев, кој вкупно од државната картичка лани потрошил 56,000 евра или нешто повеќе од 150 евра во просек дневно, министерот за надворешни работи, Никола Димитров пак дневно трошел 120 евра или вкупно 44 илјади годишно, на третото место на оваа листа е Бујар Османи, кој потрошил 30.000 евра во 2018 година.

Вкупно седум владини функционери потрошиле повеќе од 16 илјади евра. Веднаш зад првите тројца е вицепремиерот за економски прашања, Кочо Анѓушев, со потрошени речиси 22 илјади евра, државниот секретар во МНР, Виктор Димовски потрошил нешто повеќе од 18.500 евра, шефицата во Министерството за одбрана, Радмила Шекеринска потрошила 17,300 евра, листата од седумте најголеми трошаџии ја затвора министерот за економија, Крешник Бектеши, со потрошени 16.500 евра.

Се трошело и на подароци, за тоа се потрошени повеќе од 8.500 евра. И во оваа категорија на врвот е Заев, со потрошени 2.500 евра, а на пиедесталот се и министерот и државниот секретар во МНР, Димитров, односно Димовски.

Со такси пак најмногу се возеле министрите за здравство и дијаспора, Венко Филипче и Едмонд Адеми.

Инаку, Владата во текот на минатата година не штедеше ниту за храна и кафиња за потребите внатре во институциите, за месо потрошени беа 40.000 евра, додека пак се пие кафе вредно 45.000 евра.

Матеја Петровски