НАЈНОВИ ВЕСТИ

Три пати помалку пари за културното наследство во Охрид

Министерството за култура им ги врза рацете на нациналните установи – драстично им го скуси буџетот за заштита на културно наследство, со изговор дека се  прилагодувале на условите на глобалната економска криза која се одразувала и на нашата држава. Наместо да се издвојуваат повеќе пари за заштита на вредното македонско културно наследство, со парите кои им се на располагање, националните установи можат само да вршат тековно одржување на објектите и толку. Ова е посебно загрижувачки кога станува збор за Охрид. Во услови кога градот се бори да го сочува статусот под Унеско, наместо потребните 22 милиони денари охридскиот Завод и музеј од министерството за култура не добило ни третина.

“Намалени се паричните сретства кои што се одобрени оваа година за реализација на програмата од национален интерес,ќе видиме ќе се справуваме со тоа што е.Тоа е за цела држава глобално,економската криза си го донесе своето” – вели  Катерина Велкоска.

За музејска дејност од охридскиот завод и музеј побарале 5 милиони денари, а добиле 820.000 денари,одобрени се пари за археолошки истражувања само на два локалитети и тоа 500.000 ден за Самоиловата трдина и 200.000 ден за Папарница.

За работа охридскиот Завод и музеј издвоени се вкупно 5.780,000 денари за материјални трошоци, солидарна помош, отпремнини, исплата на електрична енергија, комунални такси и греење. Од оваа сума 3.530.000 денари се наменети за реализација на проекти во делот на недвижното културно наследство. Вкупниот Буџет за заштита на културното наследство за оваа установа за тековната година изнесува 6.600.000 денари, велат од министерството за култура.

Министерство за култура:” Распределбата на средствата за реализација на проектите од програмите на националните установи се врши во согласност со одобрениот Буџет за тековната година. За висината на средствата и проектите кои се реализираат во рамките на овие програми одлучуваат независни комисии од надворешни членови.”

Инаку во охридскиот Завод и музеј никако да се заврти директор, за 4 години фотељата ја пробаа исто толку директори. Последната е именувана пред 10-тина дена.

Росица Голабоска