Трет ден лажен аларм во средните училишта

Нова дојава за поставени бомби, нова паника и нова евакуација. Трет ден учениците во средните скопски училишта доживуваат стресови со најави за поставени екплозивни направи. Денеска мета официјално беше едно средно училиште, но превентивно итно беа евакуирани и ученици од уште неколку други. По антитерористичките проверки на тимовите на МВР повторно беше соопштено дека станувало збор за лажна дојава.

МВР информира дека спроведува антитерористички проверки, а од она што досега се знае е локацијата од каде биле испраќани заканите и трите и-меил адресите на испраќачот. Но кој или кои се сторителите, засега нема ништо поконкретно.  

Граѓаните но и учениците се вознемирени и очекуваат надлежните да ги пронајдат сторителите:

Дел од родителите денеска не ги пратија своите деца на часови. И тие бараат МВР да биде побрзо во истрагата и конечно да открие кој стои зад пријавите. Освен родителите, и директорите повикаа да се презат посериозни мерки бидејќи наставата на учениците трпи. Апел до институциите да си ја завршат работата, упати и министерот за правда Никола Тупанчевски. Според него, со дојавите за поставени бомби, не само што се попречува правото на образование, туку и се влева страв во целото општество. 

  • Да оставиме институциите да постапат по своите надлежности и дефинитивно мора да се откријат сторителите на тоа кривично дело, бидејќи создаваат страв кај целото општество“ – рече Тупанчевски.

Брзо расчистување на случајот побараа и од Сојузот на средношколци со цел учениците повторно да имаат непречена настава во школите.

  • „Министерството за внатрешни работи максимално да се посвети на потрагата по чиновниците и брзо разрешување на ситуацијата, за повторно да може да имаме непречена и безбедна настава. Овие закани мора да бидат сфатени сериозно имајќи ја предвид безбедносната состојба во земјата и светот“,апелира Сојузот на средношколци.

Безбедносни експерти предупредуваат пак дека заканите треба да се сватат сериозно. Велат дека хибридните закани кои во моментов се активни и на локално но и на глобално ниво, имаат за цел да влијаат врз кредибилитетот и интегритетот на личностите или групите кои ги кројат државните политики.

Министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски, вели казната за испраќачите на лажните дојави треба да биде најстрога. Според Спасовски ова е  монструозен чин со кој се заплашува јавноста.

Викторија Миткова

КАТЕГОРИИ
Споделете ja веста