Трето гласање за Брегзит – Британија не знае што сака

Британија денеска требаше да ја напушти ЕУ, но поради хаосот кој владее на британската политичка сцена најавуваниот „развод“ не се случи. Наместо тоа во Британскиот парламент се одржува и трето гласање за планот на премиерката Тереза Меј за излегување од европското семејство, но овој пат, на барање на спикерот на парламентот Џон Берков, во него ја нема политичката декларација која се однесува на идните односи меѓу Обединетото Кралство и ЕУ. Доколку пратениците се изјаснат позитивно, на Владата ќе и биде овозможено да го одложи напуштањето на ЕУ до 22 мај, односно до последниот ден пред изборите за Европскиот парламент, иако прифаќањето на делумен документ не е доволно за Договорот да биде ратификуван во парламентот. Меј во таков случај ќе мора да бара дополнително гласање за вториот дел од Договорот или да го измени Законот па прифаќањето само на правиот да биде доволно за ратификација. Проблем е тоа што опозицијата предводена од Џереми Корбин најави дека нема да го прифати „најслепиот од сите слепи Брегзити“, а и клучната северно ирска партија од која зависи мнозинството на Меј најави дека ќе гласа против договорот.

  • Ова е многу сериозен момент за сите нас. Се обидувавме да најдеме излез од кризата околу БРЕГЗИТ со месеци наназад, но не успеавме во тоа – вели Јан Блекфорд од Шкотската националистичка партија.
  • Големо разочарување е тоа што Парламентот не избра да обезбеди мнозинство за било кој од досегашните предлози – смета Оливер Летвин од Конзервативната партија.

Во отсуство на јасна позиција од Британија, Брисел се подготвува за Брегзит без договор. Со оглед на реалната можност британските парламентарци да го одбијат и на третото гласање, оваа опција е многу веројатна заедно со сите огромни импликации кои таа ќе ги предизвика. Амбасадорите на земјите членки инсистираат дека е потребно да се биде „цврст“ кон Британците во иднина, посебно за прашањето за ирската граница, за правата на европските граѓани кои живеат во Велика Британија и за финансискиот долг на Лондон кон ЕУ. Сите земји членки индивидуално интензивно се подготвуваат за Брегзит без договор, но Европската Комисија вчера одби да коментира што понатаму и кои варијанти би биле прифатливи или правно одржливи.

Драган Милосављевиќ