Третиот блок во РЕК Битола никако да проработи

Никако да проработат сите енергетски капацитети со полн капацитет. Откако пропаднаа ветувањата на владата дека тоа ќе се случи на стартот на грејната сезона, сега роковите се поместија по Нова Година. Никако да заврши сагата со транспортот на трансформаторот за третиот блок во РЕК Битола. Првично најавен дека ќе профункционира во октомври, па кон средината на декември, сега директорот на ЕСМ најавува старт за по божиќните празници.

„Трансформаторот за РЕК Битола, Блок-3 имаше одредени проблеми во транспортот, но денес во попладневните часови трансформаторот со брод од Истанбул ќе биде истоварен во Солун каде што има екипи од РЕК Битола за преземање на трнсформаторот, а потоа утре транспортот ќе тргне кон Битола, односно за два до три денови да стигне на граничниот премин Меџитлија. Подготвени сме да го прифатиме трансформаторот, да се инсталира на својата позиција и да почне приклучок во мрежа кое вообичаено се одвива 14 денови. Тоа значи дека ние кон крајот на месецов или почетокот на јануари, до 10 јануари треба Блок-3 да го имаме во функција во актуелната грејна сезона“ – кажа Васко Ковачевски, генерален директор на АД ЕСМ.

Критики од лидерот на опозицијата. Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ смета дека планот за производство не се остварил бидејќи Владата и државните електрани не планирале на време. Бизнисот плаќал највисоки сметки споредно со другите држави, а мерките не биле доволни.

„Ќе имаме енергетско економско цунами, попради тоа што владата не произведува и покрај тоа што може да произведува доволно струја која може да им ја понуди на потрошувачите, дали се граѓани или фирми сеедно. Доволно може да произведува ако навреме ги планираше производните капацитети, но тоа не го направи владата, за жал. И затоа денес бизнисите плаќаат најголеми сметки во Европа“ – рече Христијан Мицкоски, претседател на ВМРО-ДПМНЕ.

Премиерот уште еднаш уверува дека струен ценовен шок нема да има, но најавува нагорна промена во третата и четвртата блок тарифа. Тврди дека оние што трошат до 630 киловатчасови и покрај зголеменото ДДВ од 5 на 10% нема имаат  повисоки сметки.

„Според првичните анализи сметам дека нема да има ценовен шок за граѓаните, особено за првиот и вториот тарифен блок тоа се оние граѓани кои повеќе штедат, помалку трошат електрична енергија. Третиот тарифен блок ќе биде со можеби мала промена, а додека четвртиот тарифен блок, оние граѓани кои што многу трошат електрична енергија, бидејќи можат да си приуштат да плаќаат повеќе, таму цената на електрична енергија ќе биде зголемена“ – изјави Димитар Ковачевски, претседател на Влада.

Премиерот најави дека се обезбедени пари и за подмирување на долговите за струја на државните институции, но не кажа дали се обезбедени 40 милиони евра колку што изнесува нивниот долг Прераспределбата на буџетските пари веќе помина во собранието.

Тања Попова

Advertisements