Трета среќа за „Визер” во Македонија – по двата неуспешни тендери, конечно ставен потпис за евтини летови

Трета среќа за „Визер” во Македонија. По двата неуспешни тендери, конечно ставен потпис на договорот за финансиска поддршка на евтини летови, со нискобуџетната компанија. Согласно договорот Владата на „Визер” ќе му исплати пет милиони евра во наредните три години.

Новиот договор, носи и нови осум дестинации. Од март од скопскиот аеродром ќе се лета кон Баден-Баден и Бремен во Германија, Ларнака во Кипар и Турку во Финска. Од Охрид пак ќе се лета кон Малме во Шведска, Милано во Италија и Меминген и Дортмунд во Германија.

  • Ќе имаме и дополнителен петти авион кој ќе ни овозможи да раснеме во однос на зачестеноста на услугите од Скопје, така што ќе зачестат летовите кон Гетеборг од 4 на 5 лета, до Хамбург од 2 на 3 лета, кон Келн од 3 на 4, и кон Малта од 2 на 3 летови неделно. Кон Базел ќе се лета 3 пати на ден, изјави Џорџ Михалопулос од „Визер“ по потпишувањето на договорот.

Министерот за транспорт се надева дека граѓаните ќе ги користат евтините летови.

  • Владата преку Министерството за транспорт и врски ќе додели еднократна финансиска поддршка во износ од 40 илјади евра за секоја нова отворена дестинација воведена од меѓународниот аеродром „Скопје“ и меѓународниот аеродром „Св. Апостол Павле“ во Охрид. За секоја нова дестинација воведена од Скопје ќе се додели финансиска поддршка од девет евра по патник во заминување во првата година од договорот, осум евра по патник во втората година, седум евра во третата. За секоја нова дестинација воведена од Охрид ќе се додели финансиска поддршка во износ од 13 евра по патник во заминување во првата година од договорот, 12 евра во втората, 11 евра во третата година од договорот, појасни министерот за транспорт и врски Горан Сугарески.

Визер почна да лета од Македонија во 2011 година, а скопскиот аеродром е една од нивните главни бази. Од двата аеродроми во Македонија сега ќе лета кон 38 дестинации. Билетите за новите дестинации ќе почнуваат од 1.164 денари или 20 евра, но само во еден правец.

Борис Грујоски