Тревникот кај Мајчин Дом дефинитивно ќе биде заменет со висококатница

Тревникот кај Мачин Дом дефинитивно ќе биде заменет со висококатница. Сопственикот на градежната компанија ќе ја гради зградата и покрај противењето на граѓаните.

Од компанијата ЗСФ-КОМ велат дека општината не им понудила соодветна парцела која може да ја компензира вредноста на оваа. Ветуваат дека ќе засадат 150 големи дрвја за да го ублажат еколошкиот ефект.

– Јас сум тука со вас, бидејќи вашето мислење ми е важно, сакам да ви го објаснам мојот став, се надевам на разбирање и заедничко решение. Заклучено е дека во моментов нема соодветна парцела во Аердодром што ни одблиску може да ја компензира вредноста на плацот кај Мајчин Дом. Разгледани се сите опции на цела територија, секако надвор од урбаното јадро. Имаше обиди да се најде локација и надвор од општината на територија на Градот Скопје, за што има сериозни правни пречки, но реално нема ни соодветна локација, рече сопственикот на компанијата ЗСФ-КОМ, Фатмир Етеми.

Жителите на Аеродром разочарани – велат го избравме Златко Марин за прв човек на општината токму поради ветувањето дека ќе го запре уништувањето на зеленилото.

Инаку, градоначалникот Златко Марин пред изборите вети дека ќе ја запре изградбата на објектот кај Мајчин Дом, но кога дојде на власт не направи ништо, па градежните работи започнаа. Дури откако жителите излегоа на протест стави мораториум од 15 дена во кои требаше да се најде решение. На крајот зградата сепак ќе се гради.

Борис Грујоски