Трговците тактизираат со намалување на цената на лебот, граѓаните веќе не веруваат во ништо

Големи очекувања, но слаба реализација. Иако дел од пекарниците најавиja дека од денеска граѓаните ќе може да купуваат поевтин леб, но тоа не се случи. велат дека ќе има корекција за околу 10%, но не сега, туку наредниот период, односно откако ќе добијат поевтина струја. До тогаш, граѓаните како по обичај, ќе си плаќаат поскап леб, но и поскапо млеко, масло за јадење, сирење, кашкавал.

Ништо од поевтинување на лебот. Иако векна леб беше најавено дека ќе се продава за 32 денари, таа денеска изнесуваше над 50 денари, па и повеќе. И покрај најавите за намалување на цените на основните прехранбени производи за 10%, не забележавме пониска цена ни на лебот, ни на млекото, ниту пак на маслото за јадење. Алфа направи обиколка низ поголемите маркети во Скопје, и забележа дека сите цени се исти како и пред неколку дена. Граѓаните кои биле во продавница, не забележале никакво поевтинување. Велат дека цената е иста како и до сега.

  • Какво поевтинување, нема ништо од тоа. Сабајле бев во продавница, и нема ништо по пониска цена, се си е како и претходно, мислам дека многу очекувавме, али бадијала. Веќе во ништо не верувам, не знам што да кажам, се жалат граѓаните пред камерата на Алфа.

Дел од продавачите во поголемите маркети за Алфа велат дека утрово не добиле известување за намалување на цената на лебот или на другите основни производи.

Иако граѓаните имаа големи очекувања дека лебот, но и другите основни производи ќе поевтинат, тоа не се случи, но се надеваат дека ќе има благо намалување во наредниот период.

Поевтините прехранбени производи треба да бидат резултат на владните поволности за поевтина струја, која дел од компаниите се уште ја чекаат.

  • Вчера попладне добивме соопштение од ЕВН во кое се информира дека компаниите кои имаат фотонапонски централи, имаат вишоци струја и за нив договорите ќе треба да се доработат за да се регулира продажбата на тие вишоци. Заедно со ЕСМ и Министерството за економија ќе се направи се за да се доработат договорите. Насоката е дека тоа ќе се случи најбрзо што може, можеби утре, во понеделник или во јануари. Станува збор за вишоци кои компаниите никаде не може да ги користат и се подготвени да го надминат овој проблем, рече Даниела Михајловска од Комората.

Од мелничарско – пекарската индустрија велат дека лебот сигурно ќе поевтини, но дека тоа ќе оди постепено, а не како што на големо се најавуваше дека тоа ќе се случи по први декември.

  • Да, цената ќе се намали, соодветно на намалениот трошок за електричната енергија, но тоа нема да биде веднаш туку најверојатно во втората половина на декември. Секоја компанија тоа го прави поединечно, си прават свои математики. Полека очекуваме по Нова година и суровините да се намалат, пазарот ќе се стабилизира и очекувам трендот да биде позитивен и да функционира нормалната конкуренција на пазарот, велат мелничарите.

Во споредба со минатата година, цената на лебот поскапе за 44%, а цената на некои лебови достигна и 100 денари, што до сега останува непроменета. Нема поевтинување ниту на млекото и млечните производи, кои поскапеа за 30%. И маслото за јадење се уште се продава по иста, повисока цена.

Борис Грујоски

Advertisements